НЕ НА МАКЕДОНИЈА, ТУКУ ИНТЕРЕСИТЕ НА ФИРОМ: Групата на Робертосн, Солана и Ле Роа не познаваат држава со име Р.Македонија

  • April 26, 2018

Неформалната група Охрид, што беше промовирана на средбата меѓу Заев и екс-генералниот секретар на НАТО- Робертсон, која ќе треба да и помогне на Македонија на евроатланскиот пат и да лобира во наша корист, на својот официјален сајт земјава ја нарекува „ФИРОМ“, а не Република Македонија.

Се претставуваат како искусни и докажани дипломати кои „сакаат да ја видат Поранешна Југословенска република Македонија, да просперира како успешна демократија и економија во ЕУ и НАТО“. Со референцата се обраќаат и во првото официјално соопштение со кое се претставуваат секој одделно. Во него ја објаснуваат и поврзаноста на името со Орхидскиот рамковен договор во 2001та. Симболиката е во тоа што со овој договор била избегната катастрофа за време на „граѓанскиот конфликт“ таа година, како што стои во соопштението, а сега групата која повторно го носи името Охрид – ќе вложи максимум за помош во интегрирањето на земјава.

Во групата членуваат 11мина дипломати и високи фактори во меѓународната заедница. Ја води токму Робертсон. Членуваат и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Хавиер Солана, шведскиот екс премиер КарлБилд, поранешниот француски амбасадор и специјален претставник на ЕУ во Македонија, Ален Лероа, дипломатите Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон, Зоран Чичак и бригадниот генерал од Обединетот кралство Вајт-Спанер. Меѓу членовите е и поранешниот бугарски претстедател Росен Плевнелиев, кој е препознатлив по неколку анти-македонски изјави за време на својот мандат.

Именувањето на земјата со привремената референца, со право ја наметнува дилемата во јавноста: за каква Македонија ќе лобираат 11-мината, кога уште на самиот старт групата вели оти ќе се заложува за просперитет на ФИРОМ, избегнувајќи го уставното име, и тоа во време кога обидите за решавање на спорот што Атина го има со Скопје – се во најжестока рунда?

Еден од членовите на групата, КарлБилт е споменат и во последната колумна на македонскиот поддржувач и лобист Џејсон Мико. Насловена како „Искушенијата на Зоран Заев“, Мико пишува дека западниот меѓународен фактор сака да му го даде на премиерот врвното признание: „наградата КарлБилт“ .

„Тоа е практично награда за животно дело која подразбира сигурна работа, престиж и постојано летање од еден до друг првокласен меѓународен центар, со вклучена храна и пијалоци, за да се држат предавања за разни теми без да мора притоа да се поднесуваат последиците од тоа што сте го кажале и да се мешате во животите на луѓето низ целиот свет каде немате право да се мешате. Со други зборови, на Заев му нудат удобна работа во некоја меѓународна заедница. Оваа понуда не се однесува само на Зоран Заев. И на други членови на Владата им се нудат вакви понуди“, пишува Мико.

Каква е врската меѓу овие случаи, ќе покаже периодот што следи. Исто како што останува да се видат резултати од интервенирањето на групата Охрид што барем формално лобира не за Македонија туку за ФИРОМ.

Извор: Алфа

Претходно «
Следно »