НОВИ БАНКНОТИ: Од декември ќе пазариме со двестотки и двеилјадарки

  • November 4, 2016

Новите банкноти од 200 и 2.000 денари од 15 декември ќе бидат пуштени во оптек, а петилјадарката ќе замине во историјата

Новите книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари ќе бидат пуштени во оптек на 15 декември. Народната банка на Република Македонија на вчерашната седница, освен одлуката за новите банкноти, донесе одлука за повлекување на петилјадарката.

Од НБРМ наведуваат дека одлуката за издавање банкноти од 200 и 2.000 денари произлегла од реално согледаната потреба за ребалансирање на постојната апоенска структура на книжните пари во оптек.

„Постојната апоенска структура на книжните пари што се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена што се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постојни фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во врска со книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари, од НБРМ велат дека тие не се прифатени од пошироката јавност поради нивната висока номинална вредност. Нивната примена во секојдневните трансакции, пишува во соопштението на НБРМ, е незначителна.

„Потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавуваат ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година на година да се зголемува, таа постојано опаѓа и затоа тие ќе престанат да бидат законско средство за плаќање на 15 декември 2016 година“, соопшти Народната банка.

Претходно «
Следно »