НОВОТО УЧИЛИШТЕ ВО КАПИШТЕЦ ЌЕ СЕ ВИКА КИРО ГЛИГОРОВ?: Според анкетата, центарци најмногу го предлагаат ова име за новото училиште

  • July 24, 2019

При крај е изградбата на новото основно училиште кое се гради во населбата Капиштец. Денеска во обиколка на објектот беше градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и најавија дека училиштето ќе почне со работа со почетокот на новата училишна година. Кон почетокот на август ќе започне опремувањето на училиштето.

– За првпат по 47 години општина Центар добива ново основно училиште. Со современ изглед и капацитет за 500 ученици, ова е првото училиште во регионот кое е целосно адаптирано за лица со попреченост – истакна Богдановиќ.

Ова училиште сè уште нема име. На почетокот на овој месец на веб-страницата на општина Центар активна е анкета преку која надлежните сакаат да го слушнат мислењето на граѓаните во врска со името на училиштето.

Богдановиќ вели дека најголем процент од граѓаните го предложиле името на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија. Сепак, кое име ќе добие училиштето ќе одлучат советниците на општина Центар.  

Новиот објект зафаќа бруто површина од 9.428 квадратни метри, а може да прими од 500 до 600 деца. Во училиштето има 20 училници и кабинети за физика, хемија, биологија, музичко образование, историја, географија, а има и ботаничка градина. Училиштето ќе има и фискултурна, но и гимнастичка сала.

Од септември нема да бидат пуштени сите простории затоа што се почнува со одделенска настава (од прво до петто одделение), а останатите ќе се пуштаат во употреба тековно.

Изградбата на училиштето започна во октомври 2016 година и чини околу 5 милиони евра.

Претходно «
Следно »