НОВ ЗАКОН ЗА ТУТУНАРИТЕ: Се менува законот за тутнун, обврските на тутунопроизводителите, откупувачите и продажата на производите

  • August 26, 2018

Дали новиот закон за тутун ќе ги реши проблемите што досега го оптоваруваа производството? Предлог – текстот е се уште на ЕНЕР, достапен за разгледување, давање сугестии и предлози за евентуално подобрување. Новина е што првпат се регулира прометот со тутунските производи, но и со електронските цигари, се зајакнува контролата на состојките и адитивите во цигарите, а се ограничува и продажбата на пакувањата со помалку од 20 цигари.

И бизнис заедницата и  производителите се генерално задоволни од предложениот текст.

Стопанската комора на Македонија од законот очекува подетален и потранспарентен откуп со прецизни услови и документација, навремено обезбедување сертифициран семенски материјал, репроматеријали, авансирано производство, заштита од болести, штетници и плевели, подобра организираност и усогласеност со ЕУ регулативите.

– Поголема и посуштинска контрола е секогаш потребна и добродојдена. Со ова Македонија ќе биде прва земја во Југоисточна Европа која ги регулира овие производи согласно најдобрите примери од ЕУ. Значаен чекор напред во новиот закон е и тоа што ќе ги намали бирократските обврски на производителите. Тие ќе бидат префлрени на страната на опткупувачите. Оттука, веруваме дека овој закон ќе донесе многу позитивни промени и ќе ги подигне стандардите на квалитет на тутунот, но и на производителите како клучен фактор во целиот процес, откуп и преработка, велат од Комората.

Со законот се укинуваат евидентните листови или т.н. бели картони. Тоа значи дека тутунарите ќе можат да склучуваат договори директно со откупните компании кои, пак, ги преземаат бирократските формалности. Откупувачите ќе бидат должни евиденцијата на катастарските парцели, површините и склучените договори со производителите да ги поднесуваат електронски до Министерството за земјоделство.

Оваа процедура, објаснуваат од Министерството, е во насока на поголема контрола, зашто штом се влегува во електронски систем, тоа директно ќе влијае врз поголема автономија на производителите и нивниот статус, а со тоа и на бројот на склучени доовори, односно нивно зголемување.

– Сакаме да го донесеме законот што побрзо, за да важи за следната реколта, велат од МЗШВ.

Став на производителите 

Тутунарите се задоволни од новиот предлог-закон. Велат, во него се содржани нивните барања да нема евидентни листови и полагањето за проценители да не биде електронски, туку да се врати претходниот, стар начин.

– Со новиот закон откупот ќе почнува на 15 ноември, а не како досега на 15 декември, и ќе трае до 1 март, а не до 15 март. Предлагаме и семенскиот материјал да се дава до крајот на јануари зашто климатските услови веќе овозможуваат во февруари да се сее. Досега семето се даваше по откупот, при крајот на март, вели претседателот на Сојузот на тутунски здруженија Кире Неделковски.

Законски одредби

Според предлог-законот, откупот на тутунот произведен во тековната година почнува во сите откупни пунктови најдоцна од 15 декември и завршува до 28 февруари наредната година. Откупените количини на тутун од тековната реколта, откупувачот е должен да ги пријави најдоцна до 31 март во наредната година. Откупувачот е, исто така, должен, во реален временски период да ги извести писмено производителите со кои склучил договор за деновите на преземањето на тутунот, пред планираниот почеток на откупот. Доколку поради одредени околности тутунот не може да се преземе во планираниот рок, се презема во наредните 10 денови.

Испитот за добивање лиценца за проценка на тутун ќе се враќа „по старо“, односно ќе се полага усно, а не електронски.

Откупувачот е должен да отвори откупни пунктови во населени места со договорено производство од над 100 тони тутун.

Договорот за откуп се склучува најдоцна до 31 март во тековната година. Мострите мора да бидат верифицирани и заверени најдоцна до 15 ноември, а откупувачот е должен да истакне заверени мостри пред почетокот на откупот во просториите за откуп.

Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот јавно да ја објави најдоцна до 28 февруари тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страница на откупувачот, ако има, но и да ја достави до највисоката асоцијација на тутунопроизводители.

За договореното производство од тековната реколта, на производителот му се дава  аванс што може да биде во репроматеријали, земјоделски машини и други средства и опрема и/или финансиски средства. Висината на авансот за договореното производство од тековната реколта не може да биде пониска од 15 отсто од вредноста на количеството на засадениот од договорениот тутун за откуп, сметан според просечната откупна цена за договорениот тип, постигната во последните три години на ниво на државата.

Авансот се одбива при исплатата на откупениот тутун. Ако евентуално дојде до раскинување на договорот, производителот кој примил аванс е должен да го врати на откупувачот во соодветна противвредност во рок утврден со договорот.

Согласно законот, производителите се должни да употребуваат сертифициран семенски материјал од откупувачите на тутун, обезбеден од регистриран снабдувач на семенски материјал од тутун согласно Законот за семенски и саден материјал. Откупувачот може да обезбеди и тутунски расад соодветно на договорените површини со производителите.

Откупувачот е должен репроматеријалот (семенски материјал и производи за заштита на растенија во расадопроизводство) да го обезбеди без надоместок на тутунопроизводителите, најдоцна до 31 март во тековната година. Производителот, пак, е обврзан целокупниот произведен тутун да го продаде на откупувачот со кој склучил писмен договор за производство и откуп на тутун. Откупувачот е должен да го откупи под условите предвидени со договорот.

Предлог-законот предвидува и казни. Вкупно 20.000 евра во денарска противвредност е казната за прекршок на правното лице ако не употребува семенски материјал од откупувачите на тутун обезбеден од регистриран снабдувач, ако не обезбеди семе од регистриран снабдувач на семенски материјал од тутун во предвидените количини и ако не обезбеди репроматеријал за тутунарите без надоместок, најдоцна до 31 март во тековната година.

Казни се предвидени и ако се произведува тутун без да се склучи договор за производство и откуп со откупувач што не е регистриран.

Новиот закон за тутун се очекува да влезе во владина процедура по 15 август годинава.

Последниот Закон за тутун е донесен во март 2006 година и досега претрпел 12 измени.

Мирјана Чакарова за МИА

Претходно «
Следно »