ОДОБРЕН ПРВИОТ ЛЕК ЗА АЛЕРГИЈА ОД КИКИРИТКИ ЗА ДЕЦА: Американската агенција за храна и лекови одобрила лек за третман на живото-загрозувачка алергиска реакција

  • February 6, 2020
  • Коментари

Американската агенција за храна и лекови одобрила лек за третман на живото-загрозувачка алергиска реакција за приближно еден милион деца во САД што страдаат од алергии на кикиритки.

Лекот „палфорција“ може да го користат деца на возраст помеѓу 4 и 17 години за да се минимизираат потенцијалните смртоносни реакции по изложеност на кикиритки. Иако пациентите ќе бидат охрабрувани да избегнуваат изложеност на кикиритки, сепак, лекот ќе биде додаден како мерка за помош на децата во моменти на случаен контакт со кикиритки.

– Дури и со строго избегнување, ненамерна изложеност може да се случи. Кога се користи во комбинација со препораката за избегнување кикиритки, „палфорција“ овозможува одобрена опција за третман со цел да се помогне да се намали ризикот од алергиска реакција кај децата што страдаат од алергија на кикиритки – истакна Питер Маркс, директор на Центарот за биолошка евалуација и истражување во рамките на администрацијата за храна и лекови.

Нина Николс, 18-годишна девојка од Вашингтон, изјавила дека лекот обезбедува превенција. „Лекот ми го промени животот“, истакнала таа откако учествувала во истражувачката студија како тинејџер.

Алергијата на кикиритки е една од најчестите помеѓу американските деца и може да предизвика низа реакции, како течење на носот, грчеви во стомакот, исип, отоци, несвестица, анафилактички шок. Лекот може да предизвика неколку од овие симптоми, особено во првите две дозирања, па затоа се препорачува пациентите да бидат постојано под надзор во соодветен здравствен центар. Лекот е направен од мали количини протеин од кикиритки и може да се меша со продукти што се во полутечна состојба, на пример, јогурт, павлака и слично. По првата консумација на лекот дозата се зголемува на секои две недели, во период од шест месеци, кога пациентот ќе може да толерира еквивалент на една кикиритка.

Во студијата во која учествувале приближно 500 деца, две третини што ги примиле лекот можеле да изедат барем еквивалент на две кикиритки. Пациентите треба да продолжат со дневната доза за да ја продолжат заштитата, а и да носат со себе лекови и за справување со алергиска реакција, за секој случај.

Алергијата на кикиритки погодува 1 во 13 деца во Америка, а во последните години бројката е во пораст, па треба да се воведат иновации и да се спроведат истражувања. Инјекции, орални лекови и слично се третмани што најчесто се користат за ваков тип алергија.

Претходно «
Следно »