ОТВОРЕНА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ВО ЕРУСАЛИМ: На отварањето присуствуваше и македонскиот в.д. амбасадор

  • May 14, 2018

Вршителот на работите во Амбасадата на Република Македонија во Израел, Александар Аврамовски присуствувал на синоќешниот прием што го организирашре израелското МНР во Ерусалим по повод преселбата на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, на кој од поканетите 86, дошле 32 земји, објави МКД.мк.

„Вршителот на работи во Амбасадата на Република Македонија во Израел, присуствуваше на прием по повод отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим, организиран од израелската страна во МНР на Израел“, одговорија од МНР на прашањето на МКД.мк за присуството на македонски претставник на приемот.

Според МНР, присуството на вршителот на работите во македонската амбасада на приемот во Ерусалим „е дел од вoобичаените дипломатски активности со кои, покрај почитта кон државата на приемот, се афирмираат и заложбите за дијалог и отвореност во соочувањето со комплексните прашања, вклучително и оние за кои постојат различни и спротивставени ставови“.

По синоќешниот гала прием, денеска е свечената церемонија на отворање на Амбасадата на САД во Еруслаим.

„Официјални претставници на Република Македонија нема да присуствуваат на денешната церемонија на отворање на Амбасадата на САД во Ерусалим“, изјавија од МНР за МКД.мк.

На синоќешната свеченост македонскиот претставник беше во друштво на претставници од Албанија, Ангола, Австрија, Камерун, Конго, демократска Република Конго, Брегот на слоновата коска, Чешка, Доминиканска Република, Ел Салвадор, Етиопија, Грузија, Гватемала, Хондурас, Унгарија, Кенија, Бурма, Нигерија, Панама, Перу, Филипини, Романија, Руанда, Србија, Јужен Судан, Тајланд, Украина, Виетнам, Парагвај, Танзанија и Замбија.

Европската Унија неодамна изготви нацрт резолуција со која требаше да се осуди одлуката на амриканскиот претседател Доналд Трамп од 6 декември со која го признава Ерусалим за главен град на Израел и таму ја сели амбасадата од Тел Авив, но оваа мерка беше блокирана од властите во Прага, Букурешт и Будимпешта, па нивните претставници заедно со колегата од Австрија, беа единствените 4 земји од ЕУ кои присуствуваа на свеченоста.

„ЕУ и нејзините членки ќе продолжат да го почитуваат меѓународниот консензус за Ерусалим, вклучен и во Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 478, вклучувајќи и лоцирање на нивните дипломатски претставништва се додека не се реши конечниот статус на Ерусалим“, соопшти пред два дена ЕУ.

Официјалната американска делегација ја предводи заменикот државен секретар Џон Саливан, а во неа се и секретарот за финансии и 12 конгресмени. Во Ерусалим на церемонијата се и ќерката на Доналд Трамп, Иванка и нејзиниот сопруг.

Претходно «
Следно »