ПАНИХИДА ЗА ЗАГИНАТИТЕ БРАНИТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА: Нивната жртва и дело нема да бидат заборавени

  • February 25, 2017

Помен со панихида за сите загинати бранители од конфликтот во 2001 година и од настаните од мај 2015 во Куманово се одржа денес во манастирот св.Јоаким Осоговски кај Крива Паланка.

pretsedatel

На панихидата со која чиноначалствуваше намесникoт на Кривопаланечкото архиерејско намесништво, Александар Смиљков, присуствуваше претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили на АРМ, Ѓорге Иванов, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, Јохан Тарчуловски, пратеник во собранието на РМ, Слаѓана Митовска, пратеник во Собранието на РМ, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, претставници на МВР, политички партии, воени инвалиди од конфликтот во 2001, членови на семејствата на бранителите и бројни граѓани.

Во својот говор претседателот Иванов, истакна дека настанот се одржува пред големиот христијански празник, Прочка, кој во духот на христијанството и на нашите предци не учи да простуваме. Мора да простуваме, рече Иванов, но не и да заборавиме за што ги положија своите животи овие млади луѓе.

-Тука сме да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски,зашто тагата треба да се сподели, но и да им кажеме дека нивната жртва и дело нема да бидат заборавени. Овде има и инвалиди, повредени, велам, раните на телото зараснуваат, но раните на душата, никогаш. Затоа овој настан ќе прерасне во традиција за да сите идни млади поколенија  знаат дека за ова што денес го имаме некој го дал животот, рече Иванов.

Јохан Тарчуловски рече дека денешниот собир е оддавање почит на сите бранители, но и порака до цела Македонија дека тие жртви не биле залудни.

-Има кој мисли на татковината, има Македонци патриоти чесни, кои до последна капка крв ќе се борат оваа држава да остане таква каква што е, зашто нашите предци ни ја оставиле во аманет и наша чест и одговорност е да ја браниме таа татковина. Ова не е никаква политика, не е ниту ВМРО, ниту СДСМ, ова е чиста одбрана на  татковината. Никој не може да ја погази вољата на народот, а народот сака унитарна држава, со еден и единствен јазик, Македонски, рече Тарчлуловски.

Елизабета Чуповска-Ристова, државен секретар во Министерство за одбрана нагалси дека министерството посветува исклучително внимание на сите припадници на АРМ и безбедносните сили кои ги положиле животите за државата и, според неа, сите здружениаја на бранители добиваат соодветна поддршка и соработка за соодветна валоризација на нивните права како и што поцелосна промоција.

Настанот е во организација на Здружението на воените инвалиди „Бранител 2001“, но присуствуваа членови на сите здруженија  на бранители до државата.

Во конфликтот од 2001 година загинаа 135 бранители, а во настаните од мај 2015 во Куманово осуммина ги положија животите за татковината.

Претходно «
Следно »