ПАРИТЕ НЕ БИЛЕ НА НАРОДОТ: Дрзок одговор на државна лотарија за набавката на апарати за коцкање

  • January 17, 2020
  • Коментари

Вистина е дека Државната видео лотарија ќе потроши над 6,5 милиони евра за купување 1500 апарати за коцкање за да ги замени старите, но овие пари не се од државниот буџет туку од нивната заработка, изјави за ТВ21 Вики Чадиковска, маркетинг менаџер во Државна видео лотарија.

Изјавите на пратениците пред два дена, Чадиковска ги нарече лажни вести за политички цели. Но ако државата поседува 51% од Видео Лотарија, тогаш нели ова подразбира дека се трошат државни пари?

За разлика од објаснувањето на Чадиковска, екс директорот на Видео лотарија на Македонија, Дане Кузмановски одговори малку поразлично во врска со ова прашање. Тој за Тв21 рече дека парите де факто се државни и дека доколку не се употребеле за купување апарати, ќе завршеле во буџетот.

„Де факто парите се државни, бидејќи 51% од компанијата се во државна сопственост, но парите не се издвојуваат од буџетот на Македонија. Ако истите не се потрошеа за купување апарати, последната дестинација на овие пари ќе беше буџетот на државата“, истакна екс директорот на државната видео лотарија Дане Кузмановски.

Кузмановски телефонски ни објасни исто така дека државата има свој интерес од ваквите набавки бидејќи и самата има придобивка од насобраните средства од лотарија. Како и да е, од Движење против коцкање не сакаат ни да слушнат за тоа. Бараат канцерот на општеството, како што го нарекуваат, да исчезне што побрзо.

„Ова не го штити интересот на народот и неговата благосостојба. Напротив, се спонзорира Лотарија на С Македонија, се спонзорира коцкањето. Ќе дојдеме во ситуација кога тие ќе се соочат со народот, со уништените семејства и тие кои што ги гласале“, истакна Џемал Абдиу од Движењето против коцкање.

Од Движење против коцкање бараат што поскоро да се донесе закон кој ќе ја брани благосостојбата на граѓаните, во спротивно најавуваме протести. Проект законот за уредување на игрите на среќа веќе една година се одолговлекува во Собрание бидејќи за истиот не се постигнува консензус меѓу партиите.

Извор: ТВ 21

Претходно «
Следно »