ПЕЧЕЊЕ РАКИЈА НА ПЛИН : Oпштина Кавадарци ќе дава субвенции за печење на ракија на плин наместо на дрва

  • November 3, 2016
Целосно ќе им биде покриен трошокот на кавадарчани кои ќе го сменат механизмот за загревање на казаните, а целта е намалување на загадувањето, информираше синоќа кавадаречкиот градоначалник Александар Панов, за време на неговите средби со граѓаните, на кои се утврдуваат приоритетите на урбаните и месните заедници.

„Според нашите анализи најголем загадувач во овој период се луѓето кои печат ракија, решивме да им помогнеме во намалување на нивните трошоци. Така наместо со дрва, лозанки, крпи и пластични материи, печењето на ракија да го обават користејќи го најеколошкото средство со кое располагаме, а тоа е плинот. Доколку ова се повторува воконтинуитет неколку години, доколку стигнеме до поголем процент на луѓе кои ќе користат плинза печење на ракија, тогаш мислам дека ќе имаме многу ниско ниво на загадување. Тоа е тоа што ние како локална самоуправа и како граѓани можеме да го направиме“, нагласи градоначалникот Панов.

Тој соопшти дека ваквата мерка ќе се донесе веќе на наредната сеница на Советот на општината, која треба да се одржи некаде околу  средината на овој месец.

Тој појасни дека по набавката и инсталирањето на новиот механизам за загревање на казаните од страна на корисниците, целокупниот платен износ со соодветна финансиска документација, ќе треба да ги достават до локалната самоуправа, која во најбрз можен рок ќе им ги врати вложените пари.

Градоначалникот потсети на проектот за гасификација кој ќе значи многу помало загадување, а информираше исто така дека Вардарскиот плански регион работи на проблемот со третманот на отпадот од неколкуте општини.

Претходно «
Следно »