ПОДИГНАТА ГОТОВНОСТА НА ПОЛИЦИЈАТА: Закана од тероризам, или се спрема ќотек и солзавци за народот?

  • February 7, 2018

Со телеграма испратена до сите полициски станици во Р.Македонија е подигната готовноста на безбедносните сили, дознаваме од добро упатени полициски извори, на кои им било врачено упатство за проверка на опремата

 

Наредба за проверка и подготвеност на опремата за обезбедување на масовни јавни настани, но и на гас маските била испратена до сите полициски станици во Р.Македонија, дознаваме од добро упатени извори во полицијата, со образложение дека постои опасност од терористички напад.

Изворот кој сакаше да остане анонимен, објаснува дека упатството пристигнато по телеграма е за проверка и обезбедување на опремата, како што вели, поради сомнение за терористичка активности, иако како што вели во тоа речиси никој и да не верува. Според изворот, им било образложено дека постои причина за сомнение од терористички активности поврзани со ИСИС.

Ваквата теорија сепак е далеку од реалноста, коментира нашиот извор, додавајќи дека најверојатно се работи за подигнување на готовноста на полицијата во пресрет на најавените протести. Тој објаснува дека вакви наредби пристигнуваат само кога се организираат масовни јавни настани, а не кога постои опасност од тероризам. Во такви случаи, додава изворот, се ангажираат специјалните единици, а не униформираната полиција.

Тој се сомнева дека старешините и политичкото водство во МВР има намера да предизвика тензии на најавените протести, на кои ќе искористи и солзавец и физичка сила, па затоа и телеграмата за проверка на гас маските.

За ваквите инфомации побаравме и одговор од портпарлот на МВР Тони Ангеловски, кој накратко искоментира дека тоа се оперативни информации, и замоли прашањето да го испратиме на официјалната електронска адреса на министерството. 

Откако репортерот на Инфомакс го испрати прашањето, одговор не добивме во следните три часа. По инсистирањето, портпарлот кратко во телефонски разговор објасни дека се работи за „нормална процедура“, за која не е неопходно да има закана од тероризам или слични други закани.

 

Претходно «
Следно »