ПОКРАЈ ПАРИТЕ , ДВОЈАЗИЧНИ СТАНУВААТ И: Граничните премини, сообраќајните знаци,аеродромите,Веб страните, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите,бандеролите,поштенски марки,

  • August 8, 2017

Сите органи на државната власт ќе имаат двојазични веб страни, пропишува Законот за примена на јазици кој го донесе Владата и кој ќе влезе во собраниска процедура. Освен на македонски јазик, на албански јазик ќе биде објавувана содржината на веб страните кои ги модерираат централните институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции.

Ова е една од изменитево институционалното работење кои ги предвидува предлог законот. Согласно предлог законот сите закони и други акти донесени од Собранието ќе се објавуваат на македонски и на албански јазик. Исто важи и за одлуките кои ќе ги носи Владата.

Покрај македонскиот во институциите службен јазик станува и албанскиот, што ќе се применува во комуникацијата, употребата и примената во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт. Законот ги обврзува судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции да овозможат користење, употреба и примена на кој било од службените јазици и нивните писма во своите постапки.

На албански јазик ќе бидат достапни и поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо. Униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик ќе бидат напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.

На граничните премини на Република Македонија и аеродромите што се наоѓаат на подрачјата каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат јазик различен од македонскиот јазик називите на институциите, другите натписи и патокази се пишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо.

Законот предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Агенцијата ќе биде финансирана од државниот буџет и за нејзина работа ќе бидат одвојувани по 1,7 милиони евра годишно. Во Агенцијата покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Освен тоа се предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на јазиците во рамки на Министерството за правда, а ќе се регулира со посебен закон.

Претходно «
Следно »