ПОЛЕМИКА НА ИНТЕРВЈУТО НА ДИМИТАР ДИМИТРОВ: „Антиквизацијата“ и Конгрес во Солун – не можат да се споредат!

  • September 9, 2016

risto-nikovski-1Во бројот од 3 септември 2016, “Утрински“ донесе опширно интервју со проф. Димитар Димитров, под наслов: “Антиквизацијата е автопортрет на политичката елита“. Ова е реакција на некои негови ставови кои не соодветствуваат со реалноста. Таа беше понудена на “Утрински“, веднаш по објавувањето на интервјуто, ама весникот не најде за сходно да ја објави. Со оглед на актуелноста на проблемите кои се третираат, корисно е јавноста да дознае и поинакви аспекти.
1. Не е прифатлива оценката на Димитар Димитров, дека – “апсурдно е да се кодошат адресите за чие членство аплицираме“. На кои “адреси“ мисли професорот? На тие кои, газејќи ги своите клучни принципи и процедури, крајно нелегално, игнорирајќи го меѓународниот правен поредок, надвор од основните демократски правила, силеџиски ни имаат поставено блокада, уцена и ултиматум – прво, името потоа членство? На “адресите“ кои ќе “профункционираат“ за нас само ако се прекрстиме и не бидеме повеќе Македонци? Па нив, ако само ги “кодошиш“, а тие сакаат да те уништат – исто е како да ги фалиш! Веќе четврт век сме фалична држава, без целосен меѓународен правен легитимитет, бидејќи “адресите“ не оставиле, преку криминални манипулации – без име. Сепак, не е лоша идеја на Димитров, барем привремено, да ги повлечеме апликациите за нив. Арно ама, во дадениве услови, тоа е неизводливо кога тој и неговите истомисленици, заедно со опозицијата и Албанците во државава, се крстат во тие “адреси“ и, еве, ги величаат.
2. Нелегално прислушуваните разговори не ги следев и не можам да ги коментирам. Меѓутоа, тие не смеат да бидат репер за ништо. Ниско е да му ѕиркаш некому во приватното, во спалната и тоалетот. Од тоа што беше неизбежно да се чуе, во ТВ вестите, а тие секако беа “најобвинувачките“, беше јасно дека нема никакви докази туку, можеби, некакви индикации за криминал кои секако мораат да се истражат и инкриминираните да одговараат. Без никакви дилеми може да се тврди дека прислушувањето на политичкиот врв е надворешен проект, без оглед каде се вршело. Доказ: иако во режија и со очајнички напори на странците, со сите неуставни овластувања, СЈО работи веќе цела година и ништо не докажа. Барем до сега.
Од она што мораше да се чуе, можеше да се заклучи дека разговорите главно беа во рамките на технологијата на власта, без оглед на нивото на комуникацијата. Како поранешен министер, Димитров мора неа добро да ја познава. А ако се објават неговите сегашни и особено тогашни приватни разговори, веројатноста да биде посрамен е – голема. Како правило, тоа важи за сите а нагласено за политичарите. Што мислите, ако САД ги објават снимките од разговорите на Меркел, какви би биле реакциите? Или – дали нејзиното слепо следење на американските интереси (Украина…), дијаметрално спротивни на германските, не е резултат на некаква нејзина уцена? Или, барем, страв од снименото? За разлика, кај нас, власта воопшто не се обиде да го спречи објавувањето на ткн. “бомби“ кои, се’ заедно, излегоа обични петарди. Не беа прифатени и уцените во таа насока што покажува дека немале од што да се плашат.
3. Сите партии во Македонија се – “приватизирани“. Демократска – немаме. Изразите – “тоталитаризам“, “диктатура“… и за власта и за партијата, кои ги користи и Димитров, се подметнати од нашите душмани и жалосно е што ги употребуваме. Тоа е класичен речник на ЦИА во бројни слични проекти на рушење на легитимна власт. Ако Димитров навистина смета дека – “во тек е процес на нејзино санкционирање од страна на меѓународната заедница…“ (се мисли на “авторитарната партија“ и на “тоталитарната“ власт), тој длабоко се лаже. Така не функционираат меѓународната политика и дипломатија. Жалосно е личност од калибарот на Димитров, од дрвата да не ја гледа шумата. Објективноста не смее да се одбегнува и кога за тоа има безброј (лични?) причини.
Во Македонија е при крај затворањето на “Македонското прашање“ со бришење на Македонците. Власта е на тапет заради фактот што не сака да витка ’рбет. “Демократија“, криминал…, како причини за прислушувањето и кризата која ни ја подметнаа, се приказни за мали деца. Доказ – Ѓукановиќ. Тамо имаме класика на ова што го критикува Димитров а резултатот е – прием на ЦГ во НАТО! Јасно е зошто.
4. “Антиквизацијата“ е грчки термин. Се пофали дека го лансирал Кумуцакос, во Стразбург. Ние не сме промениле ништо во нашата историја. Неодамна, неславно ја издадовме првата енциклопедија со која крајно се изрезиливме. Во неа беше нагласено нашето словенско потекло. Во што е тогаш проблемот? Грчката пропаганда? Споменикот на Александар Велики на плоштадот, името на стадионот и автопатот? Споменици на Александар има во повеќе држави ама не и во Грција. Зарем некој се сомнева дека македонските племиња, кога дошле на Балканот (макар и со нуркање низ Дунав!) тука нашле староседелци? Ако е така, а не може да биде поинаку, зар не е нормално тие да се измешале? А, тукашните, имале ли избор освен да бидат, по една или друга линија, поврзани со антиката? Значи, има некаков континуитет, нели? Ова нека биде најблагата верзија.
Впрочем, да не забораваме дека Димитров, кој сега жестоко ја осудува “антиквизацијата“, додека беше еден од главните во партијата, беше спремен да организира конгрес во Солун. Тоа беше, опасен иредентизам, ова сега е – наивно.
Античкото минато е цивилизациско наследство на сите. Никој нема монопол. “Антиквизација“ во Македонија нема и тоа е израз на нашите душмани. Ние, какви што не дал Господ, самите се уништуваме. И со туѓи термини.
Впрочем, ако Димитров смета дека заради ткн. “антиквизација“ сме блокирани, уценети и под ултиматум на Вашингтон (слепо следен од Брисел), тоа е голема и тешка заблуда. А ако, пак, мисли дека без неа ќе бевме веќе во НАТО и на пат за ЕУ, тоа заслужува потешка квалификација.
5. Неспорно е дека делови од власта покажуваа знаци на аздисаност. Некои како да се заборавија кој ги избрал и зошто. Тоа често се случува во политиката бидејќи не може се’ да се контролира. Имаше обиди да се згази и уништи опозицијата, користејќи ја нејзината слабост и дезориентација. Некои позитивни чекори, како “Скопје 2014“, се презедоа можеби без доволни подготовки, дебати и прецизирани критериуми. Затоа имаше и непотребни грешки. Меѓутоа, неспорен факт е дека оваа власт се ангажираше на многу полиња и постигна значајни резултати во исклучително тешки услови: веќе четврт век, секојдневно, ние врвиме низ Голготи. За прв пат во самостојна Македонија нешто се правеше. Сите претходни влади главно – статираа! “Попатно“, некои направија и историски грешки.
Партизација на државата имаше кај сите претходни влади. Овие, можеби, вработија премногу партиски војници што е штетна политика, ама со традиција. МРТВ никогаш не беше независен медиум. Проблеми и недостатоци имаше и има ама да зборуваш за “диктатура“, за “тоталитаризам“, за “грабеж“, иако криминал и корупција има и премногу… – не е реално, не е објективно. Тоа е политиканство. Со тој вокабулар влегуваш во сценариото на ЦИА и другите тајни служби за кои ваква Македонија, со Македонци во неа – не е прифатлива.
6. Кратко и за либерализмот од почетокот на 1970-тите, чии дел беше и Димитров. Појавата не беше едноставна. Кавчиќ во Словенија сакаше да гради авто патишта кон Италија и Австрија, не кон Хрватска и Југославија. Делницата до Загреб, изгледа, ја изградија по распадот на СФРЈ? Кучар и Трипало, со мас покретот, практично, водеа кон независна Хрватска. Перовиќ и Никезиќ не беа далеку од српскиот национализам… Позитивна енергија за суштински реформи во федерацијата, а без никаков локален национализам, носеа само македонските либерали. На крајот, тие беа колатерална штета на тие што ги тресеа столбовите на Југославија. Затоа, чинам, нема основа одговорот против тогашниот либерализам, во целина, да се нарече “антиисториски“. Македонскиот, за жал, не можеше да се издвои од другите, кои и го испровоцираа.
Ристо Никовски
Септември, 2016

Претходно «
Следно »