ПОПОВИ И ОЏИ ВО РЕДОВИТЕ НА АРМ: Македонската армија го разгледува предлогот за внесување на попови и оџи во нејзините редови!

  • June 15, 2016

Армијата на Република Македонија е подготвена да го разгледа барањето на поглаварите на верските заедници во земјава за воведување верски службеници во нејзините редови, изјави вчера за „Дневник“ потполковник Тони Јаневски, портпарол на Генералштабот на АРМ. Тој објасни дека досега вакво барање на поглаварите не е пристигнато до нив во официјална форма.

pravoslavna_armija

– Доколку такво барање биде добиено директно во АРМ или преку Министерството за одбрана, кон него ќе се пристапи и ќе биде разгледано од страна на компетентен тим составен од стручни лица од разни области. Kако и секогаш кога се пристапува кон промена на организацијата и формацијата на Армијата, најтранспарентно ќе бидат разгледани сите аспекти и можности и предлози за евентуални потреби за промена во актот за формација на Армијата – објаснува тој.

Познато е дека минатата недела пет верски поглавари – на МПЦ-ОА, на ИВЗ, на Kатоличката црква, на Евангелско-методистичката црква и на Еврејската верска заедница – на заедничката средба побараа да се воведат војнички капелани. Тоа свое барање тие го аргументираа со примерот на многу држави во чии армии се застапени свештеници од разни религии во зависност од структурата на армиските припадници. Вакво исто барање поглаварите испратија и пред четири години, но оттогаш досега не е сменето ништо.

Армискиот портпарол објаснува дека во сегашната формација на АРМ нема формациски места за кадар од овој вид.

– Најтранспарентно ќе бидат разгледани сите аспекти и можности и предлози за евентуални потреби за промена во актот за формација на Армијата, притоа согледувајќи ја и евентуална потреба од дополнување одредени законски одредби кои ја разработуваат службата во Армијата – наведува Јаневски.

Досега не е познато дали верските поглавари ваквите свои барања ги доставиле до надлежните државни институции. Освен во војската, тие бараат воведување капелани и во болниците и во затворите со цел да им се излезе во пресрет на духовните потреби на граѓаните.

Познато е дека пред десетина години во тогашното Министерство за одбрана почна да се работи на проектот за вработување капелани во АРМ. Една македонска делегација на свештеници на МПЦ и старешини на АРМ тогаш учествуваа на неколку семинари на НАТО, при што ги согледаа искуствата што може да бидат применети во нашата армија. На една од тие средби дошло и до заедничко богослужење на грчки, на англиски и на македонски јазик во Православната капеланска црква во Вашингтон. Во исто време Пентагон има соопштено дека е подготвен да учествува во имплементацијата на овој проект, но оттогаш не се смениле работите. Но, подоцна овој проект запре, а од АРМ изјавуваа дека ваквиот проект кој постои во и други армии треба добро да се осмисли.

Во војската на Србија капеланите се воведоа пред три години и во неа сега дејствуваат осум православни свештеници, еден католички и еден имам. Воени свештеници постојат и во сите армии на земјите што се членки на НАТО. Вообичаено, еден свештеник се ангажира на 100 до 500 припадници на една вероисповед во армиските редови. Тие се вообичаено советници на командантот, а во канонски поглед ~ одговараат на својата верска заедница. Основната улога на воениот свештеник е постојано да комуницира со воените лица и со старешините, да го спознае нивното расположение, но и мотивираност и нивните проблеми и желби и слично.

Бранко ЃорЃевски

Претходно «
Следно »