ПОСТОИ СОМНЕЖ ДЕКА ВО АД „ЕЛЕМ“ СЕ МЕСТЕЛЕ ТЕНДЕРИ: Постои сомнеж дека АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари

  • April 13, 2018

Нов скандал на повидок од неспособната и криминална Влада предводена од СДСМ и Заев. Постои сомнеж дека АД ЕЛЕМ ги мести условите за учество на новиот тендер на РЕК Битола вреден 320 милиони денари, истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на денешната прес-конференција.

Јанушев вели дека согласно тендерската документација – економскиот оператор во последните 3 години треба да има ископано 900.000 тони јаглен, а таква фирма во Република Македонија според информациите со кои што располагала партијата има само една, тоа е фирмата кoja важи за блиска до врвот на СДСМ – Пелистер ДОО Битола.

-Ако тоа е така, другите компании кои се занимаваат со оваа дејност од старт се елиминирани, а со тоа однапред се знае кој ќе го добие тендерот. Сомнежот е дека oваа тендерска постапка е однапред договорена работа. ВМРО-ДПМНЕ бара истата да биде поништена и да биде распишан нов оглас, со еднакви услови за учество, водејќи се од начелото на правичност и транспарентност. На површина излегоа причините поради кои беше укинат Советот за јавни набавки, кој беше гарант за законитоста и чувар на јавниот интерес при постапките за јавни набавки. Советот за јавни набавки беше трн во очите на власта, пречка за сите коруптивни шеми, и затоа беше укинат. Цената на неговото укинување сега ја плаќаат граѓаните, од чии пари се полнат сметките на фирми блиски до оваа криминална власт, вели Јанушев.

ВМРО-ДПМНЕ вчера обелодени дека токму фирмата „Пелистер“, поради склучен договор во четири очи, е фирма која во изминатиот период вршеше ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола по цени двојно поголеми од првично предвидените, со што државата плати 1 милион евра повеќе.

-Имено, откако договорот беше раскинат, наместо со второ рангираната фирма, односно истата фирма „Пелистер“, која тогаш понудила 45 денари за ископ на гига џул јаглен, се прави договор со истата таа фирма во 4 очи, но за сума поголема за 1 милион евра. Како е можно истата фирма за истата работа на 1 тендер да има една цена, а кога се договара во 4 очи, истата таа цена да биде за 1 милион евра повеќе. Колкава е сумата која овој пат треба граѓаните да ја платат, и треба да заврши во нечии џебови? Граѓаните исто така се прашуваат и чекаат одговори дали е вистина дека транспортот на јагленот го врши компанија која се поврзува со семејството Заеви? Дали разликата во цените на штета на граѓаните завршува во џебовите на фамилијата Заеви?, прашува генералниот секретар на партијата.

Граѓаните чекаат одговори. Граѓаните на Република Македонија мора да знаат каде завршуваат милиони евра од нивните пари.

 

Претходно «
Следно »