Почна сведочењето на Заев за 27 април: Ни се закануваа дека ќе не убијат

  • September 7, 2018

Ни се закануваа дека ќе не убијат. Безмалку два часа трпевме физички и вербални напади. Бевме раскрварени од удари и по главата и по телото, изјави премиерот Зоран Заев во Кривичниот суд во Скопје, сведочејќи за случувањата од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија.

На директни прашања од обвинителката Вилма Рускоска Заев рече дека на 27 април минатата година додека бил во Собранието во прес-салата на мониторите виделе како во Собранието влегува толпа луѓе.

– Како и секој нормален човек, бевме исплашени и се обидувавме некако да се заштитиме од можен налет за евентуален напад врз нас. Во тоа време пристапи член од собраниското обезбедување ми понуди евакуација од Собранието, но не ја прифатив зашто ми беше понудена само на мене а не и за другите пратеници. До тој момент луѓето беа до вратите на Собранието и успеаја да влезат. Влегуваа луѓе кои без никакво размислување влегоа кон нас да не нападнат, го продолжи сведочењето Заев.

Додаде дека со влегувањето на луѓето во прес-салата тој и пратениците биле изложени на постојани физички и вербални напади кои безмалку траеле два часа.

– Убиј го Заев. Убиј ги пратениците. Фатете ги предавниците. Парарелно трпевме и физички напади. Бевме раскрварени од удари и по главата и по телото. Јас имав шест исекотини на главата од кои три на лицето. Дел од луѓето се обидуваа на секој можен начин да одземат живот. Знам што значи тепачка и некој да се степа, но лично јас неполни два часа очекував да го изгубам животот, рече Заев.

Рече дека покрај обезбедувањето и самите се бранеле и оти тоа било пресудно за да бидат зачувани животи.

– Се сметам за разумен човек и знам кога е намерата некој физички да биде повреден, а колку некому да му биде одземен живот. Жалам за тој настан, но среќен сум што нема жртви, рече Заев.

Претходно на денешното рочиште за случувањата во Собранието од 27 април сведочеа и пратеникот Весел Мемеди и поранешниот пратеник Никола Тодоров.

Денеска исказ пред Судот реба да даде и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Претходно «
Следно »