ПО 65 ГОДИНИ ПОВТОРНО НИЗ ВЕВЧАНИ ЌЕ СЕ ЗАПЕАТ ЛАЗАРСКИТЕ ПЕСНИ

  • April 22, 2016

Вевчанските Лазарки, по 65 години, утре по повод Лазарева сабота, повторно низ Вевчани ќе ги запеат Лазарските песни со желби за здравје, радост, бериќет, слога и љубов за сите, најавувајќи го доаѓањето на Христовото Воскресение – Велигден.

lazarki-VEVCANI INFOMAKS

Лазарките, како што информмираат од КУД „Дримкол Вевчани, поделени во две тајфи, Горнамалски и Долнамалски, предводени од завељвачите и буљумбашите ќе го започнат обичајот во 08.30 часот од соборниот храм „Св. Никола“ – Горна Церков и низ средсело ќе тргнат за Горна маала и Долна маала, низ главните улици и во секоја малска улица ќе ја пеат песната – …Пејте Лазарки по куќите, по куќите Вевчански полни, рамни, овде јунак Лазаре за женен, овде мома Лазаре за можен, овде дете Лазаре за керштен…

– Да се обнови една народна традиција која последно е забележана 1951 година и не е така лесна работа, не посебно денеска во време – невреме, но, наше е да се обидеме само колку да останеме верни чувари на Вевчанската култура и традиција и секогаш давајќи скромен придонес за колективното добро во населбата, велат организаторите.Потенцираат дека КУД „Дримкол“ – Вевчани во своето досегашно постоење, реализирајќи големи и сериозни проекти од областа на народната култура, се докажа како сериозен субјект во Република Македонија во областа на зачувување на народната култура и традиција и нејзина промоција и презентација низ светот.

Претходно «
Следно »