ПРВО СООЧУВАЊЕ НА СТАВОВИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА: Рускиот амбасадор ги изнесе своите ставови за Македонија наспроти оние на САД

  • April 23, 2016

Низ призмата на актуелните политички случувања кај нас, изминатиот период со свои соопштенија се огласија руското МНР и американскиот Стејт департмент – пишува Дејан Србиновски во Нова Македонија

naslovna-[1]

Фактот дека двете најмоќни и највлијателни светски сили излегоа со свои официјални изјави нѐ поттикна за читателите на „Нова Македонија“ и пошироката македонска јавност да побараме од амбасадите на Руската Федерација и на САД да ги развијат своите ставови по прашањето за кризата во нашата земја. На двете амбасади им испративме прашања во кои баравме да ги изнесат своите согледувања. Од руската амбасада добивме интервју со амбасадорот Олег Шчербак, а од друга страна Американците го приложија ставот на амбасадорот на САД во ОБСЕ, Даниел Б. Бер, со образложение дека официјалниот став на американската дипломатија во целост се совпаѓа со она што е искажано од амбасадорот Даниел Бер во врска со случувањата во Македонија. – пишува Србиновски за Нова Македонија

Имено, по откажувањето на најавената средба на македонските политички лидери и претставниците на меѓународната заедница во Виена и ставот искажан од претставникот за медиуми на ЕУ, идејата беше на граѓаните да им понудиме и ставови на двете светски велесили, прикажано низ своевидно медиумско соочување. Токму затоа цениме дека добиениот материјал што го објавуваме има поголема специфична тежина.
Стејт департментот за развојот на настаните во Македонија
Иванов да ја преиспита одлуката за помилување

САД се длабоко загрижени поради објавената одлука на македонскиот претседател Иванов да ги помилува вмешаните во истрагата за скандалот со прислушувањето. Таквата одлука, доколку се спроведе, уште повеќе ќе го наруши владеењето на правото во Македонија, интегритетот на нејзините судски и други институции, како и кредибилитетот на посветеноста на нејзините лидери кон основните вредности на НАТО, ЕУ и ОБСЕ.
Целосното помилување, кое го спречува понатамошниот судски процес, ќе ги заштити политичарите и нивните соработници од понатамошна одговорност и така нема да добијат правда граѓаните на Македонија, кои јасно ја покажаа својата желба за спроведување целосна истрага и гонење за кривичните дела што беа откриени во прислушувањето. Затоа е важно за сите лидери и партии да ја поддржат работата на специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое парламентот го формира како дел од пржинскиот договор за да се истражат сериозните обвиненија за престапите на Владата.
Како што беше наведено во Годишниот извештај за човекови права во Македонија на Стејт департментот од 2015 година, постојат загрижувачки извештаи за високо ниво на корупција и дека Владата не успеала целосно да го почитува владеењето на правото. Неодамнешните извештаи од „Фридом хаус“ и од други граѓански организации истакнаа дека постои влошување на демократското владеење, зголемување на пријавени случаи на политички притисоци и закани, како и злоупотреба на државните ресурси во Македонија. Загрижени сме за извештаите во кои се наведени репресалии против граѓанските организации што изразија загриженост за заканите кон гласачите и немањето одвоеност помеѓу државата и партиите. САД ги охрабруваат напорите на граѓанското општество да го поддржи демократскиот развој во Македонија, како и работата на Државната изборна комисија (ДИК) да подготви веродостојни избори. Сепак, одлуката на претседателот Иванов сериозно ја доведува во прашање способноста на државата да одржи веродостојни избори на 5 јуни, кои веќе беа одложени од првичниот датум.
Како пријатели на Македонија, САД упатуваат силен повик до претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука да ги помилува оние што беа вмешани во скандалот со прислушувањето и да им дозволи на СЈО и судовите да си ја вршат нивната работа. Истовремено, ги охрабруваме Владата и партиите да продолжат да работат на реформите што ќе ги зајакнат демократските институции и ќе ја вратат Македонија на патот на веродостојните избори и евроатлантската интеграција.
Интервју со Олег Шчербак, амбасадор на руската федерација во Македонија
Политичките сили да се откажат од насилство и од провоцирање на тензиите

intervju_ambasador3

Во изминативе неколку години Русија во повеќе наврати официјално изразуваше загриженост поради состојбите во Македонија, затоа коментарот на МНР на Русија од 14 април годинава, по повод најновото заострување на политичката криза во нашата земја, изгледа сосема логично. Кажете, ве молам, што конкретно го поттикна руското МНР толку сериозно да реагира на настаните во Македонија?
– Русија е неделив дел од „големата Европа“ и ние сме природно заинтересирани за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот, вклучувајќи и во Македонија. Секој обид за дестабилизирање на состојбите во вашата земја, како и во другите држави во регионот, каде што и онака се собрани многу сложени, па дури и „експлозивни“ проблеми на етничка, верска и други основи, е многу опасен и може да доведе до неконтролирана ескалација на тензиите, што секако основано нè загрижува. Важно е исто така да имаме предвид дека Русија е постојан член на Советот за безбедност на ОН и во оваа функција има особена одговорност за одржувањето на мирот и безбедноста во светот.

Некои аналитичари посочуваат дека од текстот на коментарот на МНР наводно следува дека Русија ја поддржа актуелната владејачка гарнитура и на тој начин зазема страна во внатрешен македонски конфликт. Каков би бил вашиот коментар за таквите тврдења?
– Најголемиот интерес на нашата земја во Македонија, кој не го криеме, е зачувување на мирот, стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, нејзин успешен развој во интерес на сите граѓани. Русија е отворена за најтесна соработка со сите партии и политички лидери што ги споделуваат овие цели. Нашата соработка со Република Македонија ја градиме како со земја, со народ, ако сакате. Таквите пријателски односи, кои не зависат од конјунктурата, имаат стратегиски долгорочен карактер. Погрешно е да се смета дека Русија поддржува тука некоја политичка сила. Таквите тврдења не се ништо повеќе од шпекулации. Во реалноста, пак, во нашите односи со Република Македонија ние цврсто се држиме до принципот на заемно почитување и рамноправност, што априори значи почитување на законите на вашата земја, на дејствата и одлуките на нејзиното раководство и законски власти. Да се потсетиме дека резултатите на претходните избори од 2014 година, според кои беа формирани законодавната и извршната власт во Република Македонија, беа признаени, со мали забелешки, од многубројни меѓународни набљудувачи, меѓу кои беа и западни претставници. Во Русија имаат големи симпатии кон народот на Македонија, искрено му посакуваат мир и просперитет. Токму затоа ги повикуваме сите политички сили да се откажат од насилство и од провоцирање на тензиите, на конструктивен и одговорен дијалог за пронаоѓање решение на кризата во рамките на постојната уставноправна рамка на Македонија. Долг на сите политичари е да ги негуваат својата земја и својот народ. Не е дозволиво да се преземаат чекори што ја рушат државата, предизвикуваат антагонизам и поделеност во општеството. За Македонија, со нејзината сложена социјална и етничка структура, тоа е особено опасно.

Една од клучните тези во коментарот на руското МНР е недозволивост на користење на украинското сценарио во Македонија. На што конкретно се мисли во овој случај во контекстот на Македонија?
– Да се потсетиме што сѐ се случуваше во Украина во февруари 2014 година. Радикалните политички сили со силна надворешна поддршка, манипулирајќи со расположение на граѓаните за протести, грубо ги прегазија Уставот на земјата и нејзините закони и тргнаа по патот на т.н. „улична демократија“, со цел насилно уривање на легитимната, законски избрана власт. Оригиналните (и мораме да признаеме праведни) барања за почитување на граѓанските права, борба против корупција, гарантирање на владеење на правото, на слободата на медиумите, под влијание на геополитичката конјунктура и екстремистичкото крило на опозицијата брзо беа заменети со слогани за победа „по секоја цена“, со курс кон конфронтирање со власта, нејзините поддржувачи, безбедносните органи. Беа лансирани „валкани“ информативни технологии, употребени методи на бојкот и уцени, терор, провокации, закани со воведување надворешни санкции против актуелните власти, отворено заплашување и вршење притисок врз неистомисленици. Русија во повеќе наврати ги предупредуваше западните партнери за ваков опасен развој на настаните и деструктивни последици на нивното мешање во внатрешните работи на Украина, повикуваше на спречување на ескалација на ситуацијата, спречување противзаконски акции на политичките радикали што беа контролирани од страна на Запад. За жал, нашите западни партнери ги игнорираа овие предупредувања, што уште повеќе ги поттикна екстремистите на уште побескомпромисни и агресивни дејства. Како заврши сето тоа сите добро знаеме. Таканаречената „револуција на достоинството“, спроведена под мотото за борба за европските вредности, всушност доведе богата земја со 40-милионско население до целосен економски и финансиски банкрот, граѓанска војна со многу илјади жртви. Наместо ветените слободи, општеството се најде во ситуација на голема немаштија, комплетно владеење на корупцијата, правен хаос, а некогаш единствениот народ беше поделен во два непријателски табора. Под знак прашалник беше доведена и државноста на Украина: во суштина, земјата го изгуби суверенитетот и се управува „рачно“ од Вашингтон и Брисел. Сметам дека заклучокот за тоа колку во сегашните настани во Македонија се гледаат елементи на „украинското сценарио“ треба да го направат самите македонски граѓани.

Во коментарот на руското МНР, меѓу другото, се спомнува за сериозно инволвирање на надворешен фактор во нормализирање на внатрешнополитичката ситуација во Македонија. Што мислите за толку активниот ангажман на западните партнери во решавањето на кризата во нашата земја?
– Немаме никакво предубедување. Констатираме дека нашите западни колеги, имено од ЕУ и САД, се активно инволвирани во внатрешнополитичките процеси во вашата земја. Се разбира, Македонија како суверена држава има право сама да си избира партнери за решавање на своите проблеми. Меѓутоа во даденава ситуација сметаме дека е многу битно странските посредници, дури ако се поканети да ја играат таа улога, да не излегуваат надвор од правилата на цивилизираната меѓународна комуникација, својата функција да ја вршат чесно, без двојни стандарди и во никој случај да не се обидуваат да дејствуваат во име на целата меѓународна заедница. Јасно е дека нивната задача е многу конкретна, односно да помогнат за постигнување договор, но не и да им наметнуваат на политичките субјекти во Македонија свои одлуки по кои било прашања. Токму во тоа треба да бидат нивната функција и нивната одговорност како посредници. Но, на крајот на краиштата, правото на решавање судбоносни прашања за Македонија им припаѓа само на македонскиот народ и на неговите законски претставници. Обиди за вршење надворешен притисок, меѓу другото, преку отворено манипулирање со граѓанското движење можат да предизвикаат катастрофални, непредвидливи последици, како што тоа повеќепати веќе се има случено во други земји, вклучувајќи ја и трагедијата во Украина, за која денес веќе говоревме. Не смее да се заборави дека немешањето во внатрешните работи на суверените држави е еден од најзначајните принципи на современото меѓународно право, негово прекршување е неприфатливо и деструктивно. Во таа смисла Македонија не смее да биде исклучок.

Кое решение, според вас, најмногу би одговарало за зацврстување на мирот и стабилноста во Македонија, за завршување на долгата криза во нашата земја?
– Македонија во својата историја повеќепати се имаше соочено со тешки, понекогаш дури драматични искушенија, но секогаш достоинствено ги надминуваше. Не се сомневам дека така ќе биде и сега. Решението мора да биде на самите граѓани на Република Македонија, во рамките на Уставот, законите и на правниот систем на нивната земја и уште еднаш сакам да истакнам – без какво било мешање однадвор. Најважно е тоа решение да биде најдено по мирен пат, во рамките на демократските институти и процедури. Како единствен легитимен излез од настанатата ситуација гледаме што поскоро одржување парламентарни избори, во кои треба да учествуваат сите граѓани и политичките сили што ја чувствуваат одговорноста за својата земја. Да се биде одговорен политичар и вистински демократ значи, пред сѐ, да се почитуваат граѓаните, нивната волја. Само на тој начин политичарите можат не на зборови, туку на дело да ја покажат својата одговорност пред народот, пред своите потомци, но и пред многуте поколенија на предци што со столетија го негувале вековниот сон за сопствена македонска држава. Убеден сум дека токму оваа одговорност ќе им овозможи на граѓаните да направат вистински избор.

Се случило ли во Русија некои политичари што извршиле тешки кривични дела, потоа да бидат аболицирани?
– Да, слични, иако не идентични, случаи на помилување имавме и во Русија. Само за пример, во 1994 година нашиот парламент ги амнестира сите обвинети за обид за државен удар во 1991 и 1993 година. Амнестијата одигра исклучиво позитивна улога за надминување на конфронтацијата во општеството, за обновување на граѓанскиот мир во нашата земја, која тогаш поминуваше низ едно од најтешките искушенија во историјата. Патем, да спомнеме дека слично дејствуваше и првиот „црн“ претседател на Јужна Африка, нобеловецот Нелсон Мандела, кој во 1994 година донесе одлука за прекинување на судското гонење на илјадници учесници на граѓанската војна, што овозможи да се стабилизира ситуацијата во таа земја, да се спроведува политика на национално помирување.

Автор: Дејан Србиновски / Нова Македонија

Претходно «
Следно »