October 28, 2021, 6:17 am

Прв дел: Пред/изборна ментална топографија

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Не ме плаши министерот за култура, туку културата на министерот.

Пред избори сме повторно – Локални избори 2021. Нови избори, ама стари навики. Изборната кампања се уште не е почната, а страстите веќе се запалени. Се турираат гласачките машинерии, до ниво на зовриеност, па така некои и предвреме “прокуваа“. Народски кажано зовреа и прегореа. Македонска работа – наместо политичките субјекти да се подготвуваат за избор на локални управувачи (градоначалници и членови на советите), тие громогласно најавуваат локални вождови, по нашински локални шерифи – и тоа распојасани. И сега, наместо партиите и нивните лидери да не припремаат за избори на кои ние граѓаните ќе се изјасниме за предавање на право на одреден период(четири години) да се управува во наше име на локално ниво, односно врз работите од заеднички и општ интерес во општините и градот Скопје, ние секојдневно од партиски прес-конференции и соопштенија слушаме за партиски интереси, те СДСМ има најспособни кадри и ќе се залагала за ова, она и не знам уште што, ВМРО-ДПМНЕ “оди на убедлива победа, на историски пресврт, за промени, за нов почеток, за покажување на дело дека има разлика“, а богами го видовме и “светското чудо“ на ДУИ, која “вампиреше“(израз на ловџиите од Кочани) од авторитативна и патримонијална(“Лидерот е партијата“) партија во “најмодерна“ европска партија.

Тоа ти се вика “железна партиска уверливост“ и “лидерска логичност без дамка“. На еден месец пред почетокот на изборната кампања, јас не ja чув најбитната фраза кога се во прашање локални избори – ЛЕР – локален економски развој. А богами, пред граѓаните-избирачи за добар дел од општините не се претставени и кандидатите за градоначалници и членови на советите(Струмица, Аеродром, Центар, Карпош, Куманово и др.). Замислете, партиските истражувања биле во тек и ек, па ќе се анализирале, па ќе се одлучувало. Како тргнало, “пред Божиќ, за Божиќ и по Божиќ“, се ќе се знае. Тоа ти се вика партиска кадровска политика. Добро, можеби се тоа некои нови трендови и ветришта на современата партиска кадровска политика, за мене не познати, ама мене уште од мал баба ми Анастасија, ми велеше: “Внучеее, пред Божиќ прасе не се гои“.

А некако и полека, ама сигурно, во предизборните процеси власта го впрегна проверениот концепт на институционален поткуп: 30% награда за најдокажаните од јавната администрација во ковид битката и гаснењето на пожарите. Знаете тие се онаа категорија на коруптивни елементи кои ги посочи токму премиерот Заев, кој бранејќи ги носителите на високи државни функции од корупцијата која тие ја генерираат(факт што дури од САД го видел и Стејт Департментот), за нив рече дека тие се најкоруптивни, а владините функционери биле чисти џоа покакано бебешко газенце, ама избришено со палома марамчиња; понатаму, само што не е исплатено ка-15 за вработените во образование, социјала, судство, агенции и др. области; и секако да не ги заборавиме ребалансите на ребалансите на општинските буџети направени во период од два месеци пред избори, од општини кои реално се банкротирани, поради големите долгови, кои на двапати владата им ги покриваше. Тоа ти се вика ефективна локална самоуправа со ефикасен локален менаџмент и лидершип. Трупај долгови, големи долгови, и не се секирај – тука е владата, таа го покрива секое не домаќинско работење во општините, кои се управувани од кадри на владеачката коалиција. Грдо, многу грдо, на сцената веќе е стапена државната интервенција. Тоа се факторите обединети околу државните институции на моќ. Тие веќе наголемо, како државен калкулус во предизборен замав, ја покриваат сета пред/изборна и ментална топографија.

Каде тука, во ваква коруптивна ситуација ќе го пронајдеме и оправдаме рационалниот социјален чин на изборите? Дали изборите што се пред нас веќе наликуваат на мобилизација на предрасуди, ама и на реални појави во врска со коруптивното однесување на власта? И најконкретно, дали уште во предвечерието на изборите и изборната кампања се исцртуваат контурите на поданичката политичка култура и кај граѓаните, чиј субспецијален вид е изборниот клиентелизам?

Додека не мачат овие тешки сомнежи, за грдото лице на изборите и изборните кампањи во Македонија да не заборавиме: Изборите се основата од која е детерминиран демократскиот капацитет на секоја држава,. Тоа особено се однесува на Македонија која сака да си ја овозможи карактеристиката современа демократска држава со развиен модерен парламентарен систем. Но, каква ни е реалноста? Дали изборите (ќе)се демократски, фер и слободни избори – и конечно кредибилни? Пред било што потемелно и подлабоко да истражиме, анализираме и констатираме на тој план, претходно треба да сме спремни, врз основа на фактите, аргументите и реалната состојба воопшто, да разликуваме избори кои се слободни во формална смисла на зборот и избори чиј квалификатив слободни е вистински и реален и е од суштинско значење за демократијата. Постои реална опасност да западнеме во зоната на субјективност, пристрасност и нереалност, без разлика дали тоа е предизвикано од објективни причини или субјективни слабости.

И повторно ми навираат нови дилеми. Дали Локалните избори 2021 ќе се покажат како рационален социјален чин? Да не бидат само мобилизација на предрасуди? За кого ќе се гласа – за најдобрите? Се плашам, навистина се плашам, и овие избори да не поминат според девизата “Силниот(власта) прави она што може, слабиот(опозицијата, граѓаните) трпи она што мора“.

Пишува: Сотир Костов

Latest News

Се pacпаѓа ли парламентарното мнозинство? Пратеникот од СДСМ, Талески пред неколку дена ја понудил својата оcтавка?

Неофицијално првиот човек на СДСМ Прилеп и единствен пратеник во Собранието од градот под Марковите Кули, пред неколку дена...

More Articles Like This