ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИМ ГО „ОТЧИТА“ СЛОВОТО: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ!

  • August 3, 2018

Кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов најостро ги отфрла тврдењата на пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов и соопшти дека тие се „големи лаги и манипулација со цел да се дефокусира јавноста“.

– Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор, пишува во реакцијата на Кабинетот на Иванов.

Тоа следува откако Костадинов денеска на прес-конференција рече дека Иванов вчера покажал дека „се води од лични и теснопартиски, а не од интересите на граѓаните и државата“, дека, како што рече, разгорувал и поттикнувал меѓуверска и меѓунационална омраза и покажал дека не е достоен за функцијата што ја извршува.

Кабинетот на Иванов во реакцијата посочува дека македонскиот народ на вчерашниот ден точно покажал какво е неговото размислување кон, како што пишува, „погубната политика што ја води оваа власт за Република Македонија“.

– Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ. Претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста коишто со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт. За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден, истакнува Кабинетот додавајќи дека Иванов и во иднина ќе се води исклучиво од државниот интерес и интересот на граѓаните на Република Македонија.

Претходно «
Следно »