ПРОДОЛЖЕНА КРИЗНАТА СОСТОЈБА НА ГРАНИЦАТА: Собранието донесе одлука за продолжување на кризната состојба на јужната граница!

  • October 13, 2016
  • Коментари

Собранието денеска го продолжи рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија до 30 јуни 2017 година, имајќи го предвид распуштањето во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември.

granica_napad_policija2

Против оваа одлука се изјасни пратеничката група на ДУИ, која според координаторот на пратеничката група Талат Џафери, процениле дека иако најверојатно до 10 јануари нема да имаме парламентарен состав, но Владата има можност да ја смени одлуката и да го продолжи кризниот период доколку има потреба за тоа. После договорот Турција – ЕУ, според Џафери, во Грција веќе нема бегалски кампови, а досега на територијата на Македонија останале околу 1.300 мигранти, од кои 126 се останати во Гевгелија, а 60 во Табановце.

Пратеничката Солза Грчева смета дека одлуката треба да биде донесена имајќи ги предвид извештаите што доаѓаат однадвор во однос на мигрантите, а според неа се уште постои опасност Турција да ги пушти мигрантите кон Европската унија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека се повеќе се проблематизира прашањето на мигрантите и оти не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и ЕУ. – Влегуваме во изборен процес, и не знаеме колку долго ќе бидеме без Собранието. На овој начин ја обезбедуваме стабилноста на државата и безбедноста на јужната работа. Мораме да потенцираме дека ризиците што постојат се многу поголеми од она со што полицијата ќе може да се справи и ова ќе значи и вклучување на армијата, рече Димовски.

Пратениците ги изгласаа и одлуките за испраќање на припадник на АРМ за учество во мировна операција на Европската унија, „Алтеа“ во БиХ и за испраќање на припадници на АРМ за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Исто така се гласаше и за ченови на одбори и комисии.

На предлог на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, претходно Собранието за министер без ресор го избра Бејџан Иљас, а го разреши Фуркан Чако.

Иљас, по професија е лекар специјалист вработен во Клиничката болница во Тетово, советник во Општина Теарце и заменик претседател на Демократската партија на Турците.

На дневен ред се и Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка за прашања од областа на Европската интеграција, помеѓу Владата на Република Македонија, претставена од Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Косово, претставена од Министерството за европска интеграција, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Фонд за Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за заемна заштита на класифицирани информации, Предлог на закон за ратификација на Договорот за основање на Регионална канцеларија за младинска соработка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Дополнет предлог на закон за вработување на сто најдобри дипломирани студенти на јавните универзитети во Република Македонија, двата во второ читање.

Беа предложени и неколку закони по скратена постапка и тоа Предлог на закон за даночни, царински и други фискални погодности во врска со одржувањето на УЕФА Супер Куп 2017 во Република Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), како и измени и дополнувања на Законот за вршење на сметководствени работи, на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на Законот за данокот на добивка, на Законот за спортот, на Законот за внатрешни работи, на Законот за градежно земјиште, на Законот за поштенските услуги и на Законот за одликувања и признанија на Република Македонија. Во прво читање се законите за измени и дополнувања на Законот за иновациската дејност и на Законот за банките.

Претходно «
Следно »