ПРОДОЛЖУВААТ КОНТРОЛИТЕ КАЈ ПРЕВОЗНИЦИТЕ: Три автобуси исклучени од сообраќај заради неисправни сопирачки

  • February 20, 2019

Сообраќајната полиција при вчерашните контроли на возила што спроведуваат јавен превоз на патници открила повеќе неправилности. Откриени се три автобуси со неисправни сопирачки и еден возач без возачка дозвола.

Од СВР Тетово информираат дека на гостиварското подрачје контролирале вкупно 12 возила (минибуси и автобуси).

– Кај три била констатирана техничка неисправност на уредите за сопирање, додека едно од возилата го управувало лице без положен возачки испит, односно без возачка дозвола. Трите неисправни возила веднаш се исклучени од сообраќај и на возачите и правните лица изготвени им се законски предвидените поднесоци, наведуваат од СВР Тетово.

На ова подрачје, вчера, откриени се и 11 пречекорувања на дозволената брзина, додека на тетовското подрачје вкупниот број на откриени прекршоци изнесувал над шеесет.

Прекршоците во Тетовско заокружени се со 16 прекршочни, 30 мандатни платни налози и 14 писмени опомени. Најбројни прекршоци биле неприлагодена брзина, односно пребрзо возење, управување без возачка дозвола, непрописно паркирање, истечена регистрација и други.

Претходно «
Следно »