ПРОТЕСТИ И ВО САД: Македонската дијаспора во голем број протестираше и во САД

  • March 4, 2018

На собири под мотото „Ние сме Македонија“ македонските иселеници во САД и во неколку други земји денес и утре протестираат против промена на уставното име на Македонија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На собирот во центарот на Вашингтон денеска неколку организации и групи од Њу Џерси, Масачусетс,Њујорк и Вашингтон од македонската Влада побараа прекин на преговороте со Грција и заштита на македонскиот идентитет.

-Смислата на нашиот апел не е да критикуваме. Ние не сме против никого и не шириме шовинзам, туку се работи за одбрана на основните права. Нашите предци се избориле државата да се вика Македонија и со борба го сочувале името. Тие ни го предале тоа право и наша цел е да го зачуваме. Едноставно е, изјави Горан Митревски, еден од лидерите на движењето „Ние сме Македонија“.

На протетот се обратија и свештеникот Слобадан Петковски од православната црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, лидерите на Обединета Македонска Дијаспора, Александар Митевски и Мето Колоски, како и лидерите на Организација за македонски човекови права во Северна Америка.

-Ова е првпат Македонци да се соберат во толкав голем број на Националната алеја (комплекс од разни музеи и споменици во историскиот центар на Вашингтон), и затоа ова е историски ден за Македонците во САД, изјави Колоски.

Според Александар Митревски Македонија се соочува со две големи неправди – промена на името, како услов за влез во НАТО и ЕУ, и поставување на дополнителен услов за влез во ОН, наспроти фактот што таа ги исполни критериумите од членот 4 од Повелбата на ОН.

Од движењето наведуваат дека и покрај фактот што 137 земји ја имаат признато Македонија под уставното име, сегашната влада преговара за негова промена во услови кога Грција поставува максималистички барања и го негира македонскиот идентитет и нација.

Од собирот се побара големите сили да се вмешат во преговорите. Решението да се бара со меѓународна спогодба помеѓу двете земји гарантирана од постојаните членови на Советот за безбедност.

-Единствен начин да се пресече оваа речиси тридецениска загатка е меѓународна спогодба на која Грција треба да истапи од своите максималистички барања и нашата земја да влезе во меѓународните инситуции под уставното име, тоа е – Република Македонија, изјави Митревски.

Слични собири денес и утре се одржуваа во неколку градови во Австралија и Нов Зеланд, потоа во Холандија, Англија, Италија, Чешка, Словенија и Малта.

Претходно «
Следно »