РАЃАЊЕ НА НАРОДНА РЕПУБЛИКА АМЕРИКА: Анализа на Мирка Велиновска на пристапниот говор на Доналд Трамп!

  • January 23, 2017

Пристапната беседа на контроверзниот 45-ти американски претседател Доналд Трамп сосема сигурно ги зарадува обичните луѓе низ светот и ги ужасна малите, а ужасно моќни и самодоволни политички елити, кои веруваат дека се сопственици на државите, на народите и националните богатства. Обраќањето на Трамп траеше некои 15 минути. И бидејќи самиот си го пишувал, говорот е историски автентичен отпечаток на неговата комплексна личност, односно суштина. Kој и да го анализира и со какви предубедувања и предрасуди да е, не може да го превиди фактот дека човекот кого го опишуваат како егоцентрик и егоманијак, себеси се гледа само како гласник на парадигматични промени во управувањето со државата.

tramp-nafta-imigracija
Ниту еднаш во обраќањето не прозборе во еднина. Најавувајќи ја американската ренесанса под својата раководна палка, тој зборуваше во множина, за тимот што го предводи и за нацијата што сака да ја обедини под знамето на патриотизмот. Трамп, со оглед на досегашната пракса САД да го одредуваат политичкиот јазик, го стави на пиедестал и му го врати изворното значење на поимот популизам, кој последниве петнаесет години, под диктатурата на неолибералниот фашизам или американски тоталитаризам, доби негативно значење. Очигледно, преродбата на Америка во размерите што самиот ги одредил (нема граници во сонувањето) не е можна без силна колективна енергија за која точно проценил дека е движечка сила неопходна за длабоки и коренити промени. За да ги изведе, му треба силно мотивирана и мобилна граѓанска маса, а не пригодни цитати од говорите на славните претходници, што беше досегашна инаугуративна пракса. Kако што рече, минатото е завршена работа, а сега се одработува иднината на нацијата.

Оттука, за Трамп е поточно да се каже дека е голем егоист, но не и егоцентрик или егоманијак. За двеве девијации е својствено да говорат за себе само во еднина, а често и во трето лице. Егоистите, пак, во себе имаат вградено и своевиден аларм за предупредување од хаварија. Се вика суперего, односно, секогаш будна и крајно развиена совест како коректив на склоното кон забегување его. Таквиот човек е под цврста самоконтрола, па нема опасност да стане кога тогаш и црпнат. Оттука, најавувајќи ја новата американска ера или милениум, тоа не изгледа како себеславење и грандоманска самофалба. Оти победата или славата им ја префрла на своите избирачи, на своите сограѓани, а себе и новата администрација се идентификува како извршител на народната волја и барања. Што е доволно за историска слава на еден самосвесен егоист.

Во таа смисла, пристапната беседа уште на почетокот беше груба, безмилосна, директна и до болка прецизна. Во неколку беспрекорно стокмени реченици Трамп буквално ја дијагностицира американската елитистичка болест, од која настрада американскиот народ, но и речиси целиот свет. Жестоко ја репна политичката елита во Вашингтон, која потоната во самодоволство, си креирала политики што им носат профит на малкумина, мислејќи дека народот е своина на државата, а не обратно. Рече дека од овој миг, политичарите што многу бамборат, а не работат и испорачуваат резултати, се минато. Ова сигурно е катаклизмична вест за ,,големите“ празнозборци, опортунисти и кариеристи во евро-атлантскиот елитистички универзум. Мора да е примено со огромно разочарување ветувањето на Трамп дека надворешната политика ќе биде ,,изолационистичка“ до таа мерка, што ќе се раководи исклучиво од егоистичниот национален американски интерес да ја гради својата држава со американска пот, ум и раце и да ги продава што поуспешно сопствените производи. Признавајќи им го истото тоа право и на сите други народи и нивни држави, се обврза неговата администрација повеќе да не им попува на сите други и уште помалку, да им диктира ад хок американски правила на игра. Што сигурно ги остави стаписани и подзинати сите досегашни американски клиенти, вазали и корисни идиоти, првенствено, во Европа, а ги исправи пред нужни структурни реформи и институциите како ММФ, Светска банка, СТО и ООН, кои беа алатки на официјален Вашингтон за секакви политички уцени и рекет. Нивниот главен проблем од петокот, 20 јануари, е како отсега да функционираат без вашингтонските директиви. На пример, како ќе го редизајнираат црниот список со најнепријателски држави елитистиве од европската ,,заедница“, откако новиот американски претседател за единствен непријател го прогласи радикалниот и воинствен ислам и му објави беспоштедна војна до истребување. Потоа, што ќе прават отсега многубројните параорганизации под капата на Стејт департментот како Фридом хаус, Амнести интернешенел, МKГ и сл?

Доналд Трамп, милијардерот претприемач и капиталист, во центарот на својот говор го стави американскиот работник, вклучувајќи ја тука и средната класа. Говореше за важноста на солидарноста за успехот на нацијата и за просперитетот на државата, што е централна одредница во филозофијата на револуционерот Че Гевара. Ова искуствено е атипично скршнување во друг светоглед, кој до вчера се сметаше за строго лев. Но само навидум. Оти се работи за идеолошка и пропагандна дубара. Фактички, Трамп кажа дека без мотивиран и задоволен работник, ниеден сопственик на капитал не може да очекува долгорочен профит (колку милениуми ќе треба за ова да го сфатат и македонските сопственици на капитал?). Тоа се докажа и на дело. Во речиси двегодишниот изборен маратон, никој од неговите противници не успеа да му накалеми афера за негов лош однос кон неговите работници. Ниту имагинативната ЦИА ниту производителите на лажни вести не најдоа макар еден негов работник, вклучително и оние што ги отпуштил, да го резилат за лош однос кон нив. Една од пораките до народот беше дека времето на егзистирање со социјална помош ќе го замени со време на живејачка од сопствен труд. Што значи и враќање на достоинството на работникот. А во оваа смисла особена важност за нацијата има најавата за реформи во образованието. Скапо и недостапно за широките слоеви, рече дека произведува луѓе без употребливо знаење. Што, пак, ги прави лесни жртви на дрогата и гангстерајот. Највпечатлива реченица што сме ја слушнале, а ја одразува длабочината на промислувањето на овој контроверзен и комплициран човек, е неговата констатација дека поради ваквата негрижа, Америка неповратно загубила којзнае колку работоспособен и креативен жив потенцијал. Гледано од таа перспектива, тој ~ објави крај на фингираната и политички употреблива ,,лажна наука“. С` на с`, Доналд Трамп и со овој пристапен говор покажа дека е дрзок, решителен и бестрашен човек, кој најави нова содржина на поимот политичар. Успеа за кратко време, односно, во десетина минути да им ги симне маските на лицемерите што владееја со Америка, но и со светската сцена.

Сличности и разлики меѓу Трамп и Груевски

Сакале или не, во начинот на кој ја замислил и ќе ја води американската државна политика можат да се видат извесни сличности во размислувањето и дејствувањето на Трамп и Груевски. Популизмот, грижата за вработувањето, за земјоделството, фиксацијата кон образованието, акциите за популаризација на македонските производи, борбата со фармацевтската мафија на почетокот на првиот мандат на Груевски, напорот (досега неуспешно) да ја активира македонската наука во развојот на економската основа на државата, борбата со елитизмот им се високо на агендата. При што Груевски е пионер во ваквите политики по стаж. Обајцата се тешки и комплицирани карактери, кои умеат да изненадат без претходно да навестат. Но, постојат и огромни разлики. Груевски е тип што јавно говори како да оди по јајца. Не е експресивен и колоритен. Kако да има потреба да го придушува сопствениот темперамент. Да се убиеш, не можеш да му извадиш значаен цитат. Трамп, пак, јавно се обраќа со кратки, содржински полни реченици и недвосмислени пораки. И не се занимава со ефектите од нив. Груевски е деталист, кој жилави со часови за работи што соопштени кратко и прецизно се повпечатливи за увото на слушателот. И Груевски држи до народот, ама не го слуша при обликувањето на своите одлуки. Тој е елитистички нетранспарентен, што е општа политичарска болест во Македонија. Највпечатлив таков случај беше пржинскиот резил вопреки волјата на народот. И да, детали со многу симболика. Доналд Трамп им се заблагодари за поддршката на американските моторџии, пандан на руските што ги устоличи Путин, а ги доби како поддржувачи непланирано и Груевски. Но тој никогаш не смогна храброст за слично јавно да ги констатира и да ги уважи. Трамп неустрашливо го поздрави со дигнат прст државното знаме на Русија, кое се развеа на денот на устоличувањето среде Вашингтон, пркосејќи ~ така на пропагандната кампања дека на власт го донел ,,хакерот“ Владимир Путин. Додека Груевски на еден обичен протестен собир во Скопје јавно, недостоинствено и опортунистички се огради од развиореното руско државно знаме, веројатно, на ,,замолница“ на еден обичен американски амбасадор, иако без ограда, со огномети го слави американскиот национален празник. Што е најзагадочно и нелогично, Груевски, како и остатокот од европската политичка елита, со исклучок на Виктор Орбан, очигледно уште има проблем да ги прифати тектонските промени во Вашингтон што ги донесе Доналд Трамп, како што претходно не можеше да ја препознае промената во улогата на Русија на светската сцена. За жал на Македонија и Македонците.

Мирка Велиновска
Дневник

Претходно «
Следно »