Самитот Г7 завршен хаотично, Трамп ја повлече поддршката

  • June 10, 2018

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја повлекува американската поддршка во заедничката изјава на Г7 и повторно се закани со нови царини на увозот на автомобили со што укажа на можност за ново влошување на трговските односи меѓу најразвиените земји во светот.

-Побарав од американските застапници да не ја поддржат изјавата која ја донесе групата Г7- објави Трамп на твитер кога ја напушташе Канада.

Трамп објасни дека на таквата одлука го натерале најавите на канадскиот премиер Џастин Трудо за воведување контрамерки на американските царини за увоз на челик и алуминиум.

Тој на Твитер напиша дека го испровоцирале изјавите на Трудо дека американските царини се навреда за Канаѓаните кои нема да дозволат некој да им врши притисок.

-Многу нечесно и слабо. Нашите царини се одговор на тарифата од 270 отсто на американските млечни производи- рече Трамп.

Веднаш реагираа и од канцеларијата на канадскиот премиер.

-Премиерот Трудо не кажа ништо ново на затворањето на самитот од тоа што беше речено јавно и во директните разговори со американскиот претседател- се вели во соопштението од канцеларијата на Трудо.

Во Квебек вчера вечер заврши самитот на седумте најразвиени земји на светот чии лидери во задничката изјава се заземаа за слободна и чесна трговија и борба против протекционизмот.

Претходно «
Следно »