СВЕДОК ВО СЛУЧАЈОТ СО СЕЛА: Му го дадов мојот дуксер на Села за да не го познаат кога излегуваше од Собранието

  • April 18, 2018

Како што кажа Стојковски токму тој со неговиот дуксер, му помогнал на Зијадин Села да излезе од Собранието, а да не биде препознаен од другите луѓе.

Денеска пред Основниот суд Скопје 1 се појавија обвинетите за обид за убиство на Зијадин Села. Пред судот во својство на сведок се појави Александар Стојковски, кој како што кажа на 27 април во Собранието помагал да биде спасен животот на Села. Тој кажа и дека е поранешен пратеник во Собранието, па добро го знае распоредот на законодавниот дом.

Како што кажа Стојковски токму тој со неговиот дуксер, му помогнал на Зијадин Села да излезе од Собранието, а да не биде препознаен од другите луѓе.

Стојковски кажа дека прво помогнал Села да биде внесен во Клубот на пратеници во Собранието, каде во тој момент ценел дека е најбезбедно да се однесе, бидејќи со тешки повреди лежел на земја на место каде што се спојувале неколку ходници и поминувала голема група луѓе, што според него било небезбедно и ризично место.

Тој напомена дека 27 не влегол во прес центарот во Собранието. Кажа и дека во моментот кога се случувале инцидентите бил во Клубот на пратеници, а се сеќава на два сегменти.

-Го видов Зијадин Села како лежи на земја пред скалите, видов група луѓе, за кои ми се чинеше дека поминуваат како стампедо.

Тој напомена дека во моментот кога Села бил внесен во Клубот на пратеници, клекнал на коленици до него со цел да му пружи прва помош.

Второ на што се сеќава е дека го видел обвинетиот Александар Јаневски, познат како Ацо Тошта, како стои покрај Зијадин Села и ги двои и бутка луѓето, кои како стампедо според неговите зборови поминувале на местото каде што лежел Села, а токму тој потег на Ацо Тошта го охрабрил и тој да помогне. Стојковски кажа и дека Тошта седел пред вратата на Клубот на пратеници внимавајќи да не дојде друга група луѓе во Клубот.

Стојковски напомена дека го искористил неговиот дуксер, кој во тој момент му бил врзан на половината, со цел да го замаскира Села, за да не биде препознаен во моментите додека преку внатрешните скали го ваделе од Собранието.

-Го кренавме Села со Тошта, го донесовме до прозорот кој води до внатрешните скали. Се сеќавам на лицето Али Фетах, кое го замолив да појде со Зијадин, изјави Стојковски.

Тој кажа дека покрај него и Јаневски, видел и други лица кои се обидувале да му помогнат на Села, но дека не може да се сети на нив и на нивните дејствија.

Тој напомена дека од местото каде што бил Села го тргнал обвинетиот Кире Ѓоргиевски, бидејќи бил многу вознемирен. Додека го држел забележал дека Ѓоргиевски имал крв на главата.

-Додека се обидував да го смирам, тој кажа како да се смирам, пукаа на мене, изјави Стојковски пред судот.

Стојковски напомена дека не видел директен напад од Кире Ѓоргиевски на Села, како и дека не видел никој друг да се обиде да го удри Села.

Тој кажа дека од обвинетите единствено лично го познава Стојан Павлески, но него не го забележал на местото каде што лежел Зијадин Села.

Тој напомена и дека не слушнал никаква закана кон Зијадин Села.

Претходно «
Следно »