СВЕДОШТВО ЗА ЧУДОТВОРСТВО: Како Свети Климент и литијата во Охрид ги спаси охриѓани од колера

  • March 26, 2020
  • Коментари

Во времиња кои наликуваат на последните времиња запишани во Откровението, верниците најчесто, и со право, спасот го бараат онаму каде што секогаш ќе го најдат, во верата.

Страшната пандемија на колера, длабоко врежана во колективната меморија на светот, особено на охриѓани кои ја раскажуваат чудотворноста на Свети Климент кој го спасил градот од таа опака болест.

Со литии и молитви по улиците и изложување на светите мошти на Свети Климент, до спас на охриѓани – прочитајте го ова интересно сведоштво кое овековечува чудотворство.

Стариот Сандре Чипанов, долгогодишен клисар на црквата на Свети Климент во Охрид, ја раскажува следнава случка.

Во 1910 година беснееше колера во Охрид. Градот секој ден се полнеше со мртовци. Лек немаше. Народот почна да се преселува и да бега во околните села. Манастирот Свети Наум беше полн со избегани охриѓани.

Тогаш, вели Сандре, му предложив на поп Ѓорѓи и на уште еден поп кој беше при црквата Свети Климент, да ги земеме моштите на Светиот отец наш Климент и да поминеме низ градот во литија. Свештениците се согласија и веднаш тргнавме, само ние, неколку души. Попат почна да ни се придружува народот.
Го поминавме варошот, па потоа [врвевме] низ чаршијата. Турците не ни сметаа, зашто и тие се луѓе, наши браќа од човештвото, кои се пред Бога исти и делиме исти проблеми, и среќата и несреќата исто ја доживуваме, а сега сите паѓааме од колерата како муви. И така, до вечерта се вративме со моштите во црквата Свети Климент.

Другиот ден никој повеќе не се разболе од колера. Оваа грозна болест веднаш се пресече. Носењето на светињите во литија многу помага, вели стариот Сандре. И потсетува на случајот во Цариград. Еднаш и во Цариград завладеала колера и многу народ покосила.Тогаш Патријархот пошол кај султанот и замолил за одобрение, да се пренесе низ градот Појасот на Пресвета Богородица, кој тогаш се чувал во црквата Влахерна.

Султанот дозволил и литија со Појасот и со Патријархот, свештенството, со крстови и рипиди, прошла низ Цариград.

И колерата веднаш престанала.

 

*Сведоштво запишано од Владиката Николај Битолско-охридски, во неговата Книга Емануил, глава II: О чудесним исцелењима, 15-то чудо: Повест о колери у Охриду 1910. године. Извор: Бигорски.орг

Претходно «