СВЕДОШТВО НА БРАНКА КОСТИЌ МАРКОВИЌ: Бев изложена на сериозни притисоци од директорот на Македонска Филхармонија!

  • November 25, 2018

По објавата на веста дека Бранка Костиќ Марковиќ е разрешена од министерот за култура од местото Претседател на УО на Македонска Филхармонија, Костиќ во изјава за порталот Ако ја потврдува информацијата дека е разрешена без образложение на барање на актуелниот директор на Филхармонија, Виктор Илиевски.

,,Точна е информацијата дека сум разрешена од функцијата Претседател на Управниот одбор на Македонската филхармонија“-вели Костиќ Марковиќ.

,,На домашна адреса, преку поштенски службеник ми беше врачено писмо од административната служба на Македонската филхармонија. Во ковертот беше решението коешто го испратило Министерството за култура на Р. Македонија до НУ Македонска филхармонија на ден 19.11.2018, а архивирано на 20.11. 2018. Во него пишува дека сум разрешена од страна на министерот за култура, господинот Асаф Адеми и накусо стои дека сум разрешена „на предлог на директорот“ на Македонската филхармонија, господинот Виктор Илиески. Тоа е единственото образложение. Интересно е што во Деловникот за работа на Управниот одбор, односно во актуелниот Закон за култура, никаде не се споменува таквата можност, напротив, токму спротивното – директорот може да биде разрешен врз основа на предлог на Управниот одбор (член 21, став 8 од Деловникот, односно член 35, став 8 од Законот за култура). Претседателот и членовите на Управниот одбор можат да бидат разрешени единствено доколку работат спротивно законот или доколку не функционира самата установа. Врз ова се базираат причините на ова, во најмала рака, чудно и целосно необразложено решение. Досега претседателот на Управниот одбор не бил опоменат за неправилно водење на Управниот одбор, попречување на работата на институцијата и не му било посочено кршење на законските процедури, односно работење спротивно на законот, ниту од претходниот министер Алаѓозовски, ниту од актуелниот Адеми“- пишува во дописот до АКО.мк , донеодамнешниот претседател на УО на Македонска филхармонија.

Костиќ Марковиќ потврдува дека има проблем во односите на Управниот одбор и директорот заради непочитување на законот и игнорирање на ингеренциите на телото Управен одбор, но од страна на директорот, а не од страна на претседателот и членовите на Управниот одбор.

За тоа се известени (неколку пати) соодветните институции (Министерството за култура и самиот министер Асаф Адеми), при што на вториот заеднички состанок со директорот на Македонската филхармонија, Илиески (а на барање на министерот), јасно му е укажано дека во иднина не смее да ги прекршува процедурите регулирани со Деловникот и Законот и ќе мора да ги почитува мислењата и барањата на претседателот и членовите на Управниот одбор, во домените кои се во негова надлежност (Управниот одбор, меѓу другото се грижи токму и за законитоста на постапките на управата на Македонската филхармонија и ги штити интересите на Министерството за култура од кадешто е и назначен).

,,Но, тој, наместо да ги усвои советите на министерот, да се уважуваат забелешките на неговото работење, да ги доставува бараните материјали до ова тело и да ги уважува забелешките на претседателот и членовите за новата систематизација и документот да биде доведен во форма за гласање (за да не пропаднат веќе добиените согласности за новите работни места добиени од претходниот министер), тој почнува да врши притисоци врз претседателот на Управниот одбор за брзо изгласување на систематизацијата, без довршување на цели делови во содржината на истата и без консултирање на водачите на групи во оркестарот. Во екот на интензивните седници на Управниот одбор, а непосредно пред седницата на којашто беа поканети претставниците од оркестарот, директорот решава да го опструира состанокот со неодобрено заминување на четиридневен приватен одмор во Казахстан (набрзо после гостувањето на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во таа земја, што фрли дополнителен сомнеж за злоупотреба на позицијата Директор на јавна установа во приватна корист)“-објаснува Костиќ Марковиќ.

Таа вели дека проблемите почнале да ескалираат откако како претседател и некои од членовите на Управниот одбор почнавле да го искажуваат несогласувањето со огромните промени во новиот документ на систематизацијата .

,,Имено, во кус временски период, директорот Илиески, на Управниот одбор му испраќаше на разгледување дури четири изменети верзии на новата систематизација, без известување за преземените акции „на своја рака“ во поглед на отстапувањата од претходно донесениот список (заеднички на Управниот одбор и директорот) за нови вработувања во Македонската филхармонија, со акцент ставен врз реалните потреби на основната дејност на институцијата – приоритетните вработувања во оркестарот и во техничкиот дел којшто го наложи преселбата во новиот објект-вели Марковиќ.

,,Во овој период, јас како претседател бев изложена на силни притисоци од директорот за брзо беспоговорно гласање на неговата верзија на систематизацијата, но и од страна на структури надвор од институцијата, проследени со клеветења за кочење на процесот, работење против интересот на институцијата и лични навреди, валкање на мојот углед со ширење на дезинформации за суштината на проблемите, а тие не беа поврзани единствено со донесувањето на новата систематизација. Директор никогаш не му објасни на Управниот одбор , зошто се решил да преземе незаконски дејства за своеволно проширување на бина во објект во владение на Владата на Р. Македонија (за што постои доказ дека не е обезбедена соодветна документација од надлежните институции за вакви зафати – елаборат, безбедности дозволи…), а нема ниту одлука од Управниот одбор, што според законот мора да ги има“-дополнува Костиќ Марковиќ.

Таа вели дека е мал просторот да се наведат сите примери на самоволно одлучување на директорот на Филхармонија. Поседува обемна документација за ова, како што се записници, мејлови и меѓусебна службена комуникација.

,,Одговорно тврдам дека ниту сум работела против закон, ниту институцијата била некогаш блокирана. Напротив, уредно ги извршував своите пропишани обврски и членот 22 од Деловникот не можел да биде активиран по ниту една основа. А тој е активиран со потпис на министерот од министерството кое ме назначило токму за да ги штитам неговите интереси и да го штитам од евентуалните штети предизвикани од незаконско работење на управата. Згора на тоа, пред и да го добијам решението за моја смена (пристигна вчера, 23.11.2018 преку поштар до мојот дом), имам сознанија дека овие денови веднаш е одржана итна седница со нов претседател и е вратена на почеток веќе започнатата процедура на расправа и гласање на поедини делови од новата систематизација, па дури и дека експресно се пуштени огласи за вработувања . Вчера, откако го примив решението, побарав итно да ми бидат доставени на потпис записниците од последните седници со коишто претседавав коишто уредно ги испратив до архивата на Македонската филхармонија, но сѐ уште ги очекувам на потпи“-стои во дописот.

,,На крајот, не можам да кријам дека сум изненадена од леснотијата на донесување на одлуки без покритие и дека лично жалам, не заради одзементата функција, туку заради газењето на шансата работите во културата во земјава да тргнат во европски правец. Со ваквите потези, се затвора можноста новиот репрезентативен објект на Македонската филхармонија да стане вистински храм на уметноста со создавање на услови за вистински растеж на угледниот оркестар во уште подобар ансамбл од светски формат и квалитет. Но, во атмосфера кога клиентелизмот, притисоците и заканите, самоволието и разработениот систем на врски и познанства, ја има предноста пред професионализмот, совесното работење и правдата, не може ништо друго да се очекува освен разрешување на оној којшто не се вклопува во девастираниот систем“- реагира разрешената претседателка на УО на Македонска Филхармонија, Бранка Костиќ Марковиќ, магистер по музички науки.

Претходно «
Следно »