СВЕДОШТВО НА ПОЛИЦАЈКА ОД ВЕЛЕС: Шефот и пуштал непристојни понуди, не прифатила, била казнета со распределување

  • April 29, 2018

Полициска службеничка вработена во Секторот за внатрешни работи во Велес тврди дека со месеци трпела мобинг и добивала закани од нејзин надреден исто така вработен во СВР – Велес. Заканите според тврдењето на полицајката се однесувале за нејзина прераспределба од Велес во Чашка или Богомила, објави телевизија 24.

На ваквите закани според полицајката претходела предновогодишната забава на која присуствувале скоро сите организациони единици на СВР – Велес. За време на истиот настан, според исказите на полицајката, високиот полициски службеник неколку пати во текот на ноќта се однесувал недолично спрема неа, вознемирувајќи ја со некултурни и неадекватни гестикулации и барал од неа истата вечер да ја придружува на дополнителна забава во велешка дискотека. Случајот го пријавила во полиција по што следеле дополнителни притисоци од високиот полициски службеник.

„Имав една непристојна понуда од висок полициски функционер која што мене не ми се допаѓаше и секако ја одбив. Неколку пати се обидуваше да ме наведе на тоа, но јас не прифатив Сето тоа се случуваше пред колегите, имам и сведоци за тоа. Во неколку наврати ми рече дека ќе бидам префрлена на друго работно место, нема да работам во Велес. Утрото кога веќе си отидов дома во 5:07 отворив на Фејсбук и видов дека имам порака од него во која што ми пишува само – Чашка“, вели Полициска службеничка – СВР Велес

Целиот настан се одвивал пред очите на неколку колеги на полицајката кои пак дале и свои искази. Според документите до кои дојде ТВ 24 очевидците сведочеле дека високиот полициски службеник цело време ја вознемирувал повлекувајќи ја за рака и обидувајќи се да застане до неа. Со високиот полициски службеник стапивме во контакт, но тој одби да коментира.

Во неколкуте телефонски разговори со високиот полициски службеник вработен овде во СВР – Велес , кој неговата колешка го обвинува за мобинг и закана со прераспределба на работно место стапивме во контакт. Во првиот телефонски разговор потврди дека ќе даде изјава. По извесен период од неколку часа истиот се јави и одби да даде изјава со објаснување дека му треба дозвола но обвини дека се работи за политички реваншизам од страна на полицајката.

Се обративме и до Министерството за внатрешни работи. Од таму информираат дека од преземените мерки не постоеле наоди со кои би можеле да ги потврдат тврдењата на полициската службеничка.

„По добиено сознание за извршено вознемирување на полициска службеничка, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веднаш е постапено и во текот на месец февруари годинава извршени се проверки во врска со наведениот случај. Од досегашните преземени мерки нема наоди со кои би можеле да ги потврдиме тврдењата на полициската службеничка “ – МВР

Според нашите интерни извори од страна на вработени службеници во СВР – Велес веќе било донесено предлог акт за прераспределба на работното место на полицајката која обвинува за мобинг. Истата требало да се прераспредели со работа надвор од Велес. Од Мвр пак информираат дека во однос на наводите дека високиот полициски службеник продолжува и понатаму да и упатува закани, во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до овој момент не биле пристигнати поплаки или известувања.

Претходно «
Следно »