СЕГА СЕ ДОСТАПНИ ДОКУМЕНТИ: Што следела ЦИА во Југославија по смртта на Тито?

  • January 22, 2017

Американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави над 800 илјади документи на над 12 милиони страници од кои е симната ознаката за тајност

Случувањата на просторот на поранешна Југославија биле од највисок интерес за ЦИА, на што упатува од неодамна достапната архива која содржи бројни документи кои се однесуваат на поблиската и подалечната историја на регионот.

Американската централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави над 800 илјади документи на над 12 милиони страници од кои е симната ознаката за тајност, а само од материјалите во кои се обработуваат Тито и неговото владеење би можела да се состави солидна историска граѓа, пишува хрватски Вечерњи лист.

Но, документите покажуваат и дека американската разузнавачка служба била многу заинтересирана за настаните и главните актери на политичката сцена на Југославија и по смртта на Тито.

Како што пишува весникот, во документите има се – од проценката на воените сили непосредно по војната па понатаму, преку претпоставки и процени колку навистина е силна власта на Тито, односно дали има можности тој да падне од власт.

Честопати се оди во детали, се анализираат југословенските медиуми, се следи секога расправија во партискиот врв. Од документите се гледа и на кој начин Тито ја водел неговата политика, “многу прагматично и без многу скрупули”, пишува Вечерњи лист.

Особено бил следен падот на Ранковиќ, ликвидацијата на Хебранг и Ујовиќ, јавните пресметки и ревизионизмот на водечките пиони на Тито по неговата смрт.

Во документите е истакнато и дека со дипломатите од калибарот на Хенри Кисинџер Тито разговарал во ракавици, а на неговите арапски пријатели разговорот го презентирал како проарапско предавање пред американскиот дипломат.

Според документите на ЦИА, со Кастро не бил во особено добри односи, особено што му забележувал за мешањето во судирите во Ангола која ја сметал за важна во контекст на неврзаните.

Бројни се и документите кои се однесуваат на текот и периодот по распадот на Југославија.
Аналитичарите на ЦИА имале многу детални информации за тоа што се случува и каква е улогата на политичарите, а како што тврди Вечерњи лист, Слободан Милошевиќ бил дефиниран како “главен фактор на нестабилност и најопасен чинител во веќе кревката федерација”.

Видливо е дека се следело и се што зборува Фрањо Туѓман, какви се движењата на терен, можностите од исходот на судирите, со многу брза реакција во проценките.

Се наведува дека Милошевиќ гледал на Србите од Краина или како Туѓман го чекал моментот во кој може да биде сигурен дека Хрватска нема да ја погодат санкции ако ги нападне тогашните сектори Север и Југ.

Вечерњи лист пренесува и дека американската агенција ги следела и емигрантските активности. Од првиот ден кога стапнал во Америка ги имале сите информации за Андрија Артуковиќ, ги следеле активностите на Анте Павелиќ од почетокот на неговата емиграција во Аргентина, со кого соработува и какви му се плановите.

Претходно «
Следно »