СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА: Дескоска бара во Законот за амнестија да се дефинира за што ќе бидат амнестирани обвинетите

  • November 20, 2018

Законот за амнестија во врска со настаните од 27 април треба да го подготви телото за помирување во Собранието, а не Министерството за правда, изјави министерката Рената Дескоска. Таа и натаму останува на ставот дека за насилствата не смее да има амнестија, повикувајќи се на изјавата на премиерот, во која тој направи разлика меѓу оние кои биле вклучени во насилството и другите.

– Ако почнете да спроведувате закон, секој што влегол во Собранието, без оглед дали направил насилство или не, што направил неовластен упад има основ кривично да одговара. И факт е дека против сите тие лица не се водат кривични постапки. На некој начин тие и сега не се опфатени, рече министерката Дескоска.

Дескоска додаде дека веќе има лица кои се осудени за насилствата во Собранието и издржуваат казна затвор, а за тоа кои се лица ќе бидат опфатени со евентуалниот закон за амнестија, ќе зависи од ставот на телото за помирување. Министерката не прецизира дали со законот ќе бидат опфатени сите 33 обвинети или можеби само пратениците кои обезбедија 2/3 мнозинство за уставните измени.

– Кога се прави закон за амнестија се прави врз основа на конкретни членови. Се амнестираат лица по наведени членови од Кривичниот законик. Така што јас не знам кои им се обвиненијата. Дали има за учество во толпа што извршила насилство, дали има за конкретно насилство, дали има за организација, за поттикнување и сл. Различни дела се. Во законот за амнестија треба да се дефинира точно кои кривични дела врз основа на Кривичниот законик би ги опфатило. Јас не им ги знам обвинителните акти, ниту сум ги проучувала. Тоа е прашање што треба да се раговара во телото во Собранието, рече Дескоска.

Според Дескоска, ако се донесе Закон за амнестија тоа нема да биде удар врз судството. Инаку до средината на декември се очекува да биде готов овој предлог закон. Како што веќе изјавија таканаречените независни паретници од ВМРО ДПМНЕ, новото законското решение кое треба да произлезе од работата на Координативното тело за помирување било во фаза на подготовка.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ е против селективна правда, нивниот предлог закон е амнестирање на сите осудени, обвинети за собраниските случувања од 27 април.

Претходно «
Следно »