СИЛЈАНОВСКА ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТА И ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР: Не треба да се прават компромиси на штета на владеењето на правото

  • February 6, 2019

Професорката Гордана Силјановска-Давкова попладнево ја почна внатрепартиската кампања за претседателски кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. За почетна станица го одбра Општинскиот комитет во Ѓорче Петров, каде пред насобраните членови и симпатизери на најголемата опозициска партија ги презентираше својот план и визија, пренесува Независен.

„Сакам да ги убедам и нив, како и сите граѓани дека натпартиски кандидат е одлична идеја, која ќе делува обединувачки за сите“, одговара Силјановска на прашањата на „Независен весник“.

Според неа, во земјава постои насушна потреба од глас на разумот, глас на правото, правдата и моралот, глас на вистинските европски вредности. Силјановска има само пофални зборови за нејзините противкандидати во ВМРО-ДПМНЕ, за кои посочува дека се истакнати во своите средини и кои се испрофилирани кадри во партијата, но оти таа поседува искуство, знаење и вештина.

„Визијата и програмата ќе ја темелам на нешто што досега го немало, на нешта што се однесуваат не само на статусот на претседателот и на надлежностите што ги има, туку на поделбите на власта воопшто, која е страшно нарушена во моментов. Без поделба на власт не може да има демократија, нема кочници, не може да има ни правна држава. Тоа кај нас го нема. Претседателот е целосно суспендиран во одлучувањето, дури и во надлежностите што се исклучиво загарантирани за него во меѓународната политика“, потенцира Силјановска.

На прашањето каков ќе биде нејзиниот став во однос на Преспанскиот договор, како и двојазичноста кога би станала претседател на Македонија, Силјановска одговара:

„Кога се работи за ставовите, мора да бидеме свесни дека јас сум професор по уставно право, јас сум Јанус две лица: едното е научното, од тоа не отстапувам и јас кога критикувам, тргнувам од професијата. Се разбира дека политиката бара повеќе реалност, но мислам дека некогаш не треба да се прават компромиси на штета на владеењето на правото“, заклучува Силјановска.

Претходно «
Следно »