СИНДИКАТОТ ЗА ОДБРАНА И БЕЗБЕДНОСТ СО СВОИ БАРАЊА: Од Шеќеринска бараме почитување на правата кои ни се скратени

  • February 28, 2019

Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ) денеска на прес -конференција го искажаа револтот на вработените во Министерството за одбрана и во АРМ поради, како што посочија, непочитување и намалување на правата од работен однос на вработените во МО и во АРМ.

Владата, тврдат, на 22 јануари 2019 година донела уредба за престанување на важноста на уредбата за утврдување на посебни специјалности од особено значење за АРМ. Тоа значи дека се укинува право од работен однос односно додаток на плата, предвиден во член 153 од Законот за служба во АРМ.

Бараат од министерката за одбрана Радмила Шекеринска до донесување нови законски решенија веднаш да се отпочне со почитување на правата од работен однос во делот на додатоци и надоместоци на плата согласно Законот за работни односи .

– Бараме зголемување на плата во МО и во АРМ од најмалку 10 проценти и зголемување на дневницата како надоместок за дежурство, стража, терен, обезбедување на државната граница и слично, од досегашните 610 денари за 25 часовен ангажман, на осум проценти од просечната нето плата односно околу 2.000 денари, рече претседателот на Синдикатот Ристо Ајтов.

Од СОБ најавија дека доколку продолжи намалувањето и непочитување на правата од работен однос во делот на додатоци и надоместоци на плата, ќе се покренат судски спорови пред надлежните судови.

– Се сомневаме дека причината е да се изгуби мотивот за тужби бидејќи ова е право од работен однос, за што на суд работниците го добиваат. Најмалку 50 бода, затоа што Законот вели дека додатокот на плата со оваа уредба е од 50 до 1.300, што значи секоја тужба судот ќе ја досуди во корист на работникот со најмалку 50 бода на месечно ниво, а претворени во пари се преку 2.000 денари по човек. Правото за побарување застарува три години наназад, појасни Ајтов.

Додаде дека веќе имале доставено барање за средба со министерката Шекеринска на која би разговарале на оваа тема, но се уште немале одговор.

Ајтов информира дека СОБ веќе изработува Предлог-закон за изменување и дополнување на Зкаонот за одбрана и на Законот за служба во АРМ.

Како што рекоа меѓу другото на денешната прес-конференција, МО подолг период не исплаќа надоместоци на плата како што се надоместок за работа во празник, за работа во ден на неделен одмор, во смени, за ноќна работа, за прекувремена работа, трошоци за службено патување во земјава и надомест на бонус плата доколку остварил повеќе од 150 часа прекувремено во текот на годината.

Претходно «
Следно »