СОБРАНИЕТО ДЕНЕС ТРЕБА ДА ЈА ИЗБЕРЕ ПРЕОДНАТА ВЛАДА

  • September 2, 2016

Собранието на Република Македонија денеска согласно договорот постигнат на лидерската средба треба да ја избере преодната влада која ќе ги организира парламентарните избори закажани за 11 декември.

sobranie

Во преодната влада опозицијата треба да ги добие министерските места во секторите внатрешни работи и труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство.

Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно ги прифати предлозите на раководството и Извршниот одбор на партијата за кандидати за министри и дополнителни заменици министри за составот на техничката Влада за организирање и спроведување избори.

Кандидат за министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, Фросина Ременски е кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.

Согласно постигнатиот договор денеска, на 100 дена пред изборите, на функцијата главен и одговорен уредник на МРТВ треба да биде назначена и Санта Аргирова, чиј мандат ќе трае до крајот на изборниот процес.

Со консензус беше избран и Љуљзим Хазири за петти член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, која исто така ќе работи до крајот на изборите.

На средбата одржана завчера во Клубот на пратениците лидерите на четирите најголеми парламентарни партии постигнаа согласност изборите да се одржат на 11 декември.

Претходно, беше прочистен и Избирачкиот список од гласачи кои имаа спорни записи.

Претходно «
Следно »