Солзите на капитенот што ја разнежнија нацијата

  • January 10, 2019

Солзи, радост, еуфорија… Одбојкарите ја заслужија. Емотивната реакција на капитенот Никола Ѓоргиев по триумфот над Унгарија е вистинска потврда за желбата со која момците на Никола Матијашевиќ ги одиграа квалификациите.

Остварен е деценискиот сон, Македонската репрезентација во одбојка синоќа напиша историја и за првпат ќе биде учесник на Европско првенство во одбојка.

„Жолто-црвените“ вчера со 3-0 (25:21, 25:20, 25:21) ја победија Унгарија и како една од петте најдобри второпласирани селекции во групата, се пласираа на континенталниот собир кој ќе се игра од 12-29 септември оваа година во 4 земји – Белгија, Франција, Холандија и Словенија.

– Момците заслужија да се радуваат. Не бевме перфектни, но одигравме добро. Во прилог ни одеа и резултатите од другите натпревари, така што коцките се вклопија. Пред натпреварот им реков да се насочат само на Унгарија и да не мислат на ништо друго. На крајот среќата ни се насмевна, изјави предводникот на „спартанците“.

Учесници на ЕП 2019: Франција, Белгија, Холандија, Словенија (ко-домаќини), Македонија, Австрија, Белорусија, Бугарија, Чешка, Естонија, Финска, Германија, Грција, Италија, Црна Гора, Полска, Португалија, Романија, Русија, Србија, Словачка, Шпанија, Турција и Украина.

Претходно «
Следно »