СО МЕСЕЦИ СЕ ЧЕКА ЗА СНИМАЊЕ И ПРЕГЛЕД: ,,Мој термин“ воопшто не функционира

  • December 5, 2018

Ендокринологија, Имунологија, Ортопедија. Ова се само дел од државните клиники во кои во моментов воопшто не може да се закаже преглед кај специјалист. Кај други треба да се чека и над 20, 30 па и 40 денови.

Истото се однесува и за дел од дијагностичките процедури односно снимања со апарати.

Еден од нив е ехо на дојки. Со месеци, преку матичните лекари жени не можат да направат ехо-преглед, а во меѓувреме здравствените власти постојано апелираат за редовни прегледи, со цел рана детекција на рак на дојка.

Пациентите велат дека „Мој термин“ функционира само делумно, па ако немаат роднини или пријатели, вработени на клиниките, за да влезат во ординацијата, поминуваат денови чекајќи во клиничките ходници.

Пациенти тврдат дека поради ваквиот хаос, а заради итност на нивната здравствена состојба, последните пари ги трошат во приватните болници.

Од Управата за електронско здравтсво „Мој термин“ негираат дека постојат проблеми.

-Со националниот систем за електронски евиденции во здравството нема никаков проблем во секојдневната работа. Не е точно дека преку „Мој Термин“ не може да се закажат прегледи кај специјалисти со определени специјалности, ниту пак дека се недостапни некои апарати. При закажување на термин, доколку за определена специјалност нема ниту еден слободен термин во иднина, таа специјалност не се појавува во изборот, велат од „Мој термин“.

Од таму се правдаат дека доколку лекар или пациент се обрати до Управата за електронско здравство на телефонскиот број 15-444, вработените контактираат со Установата на која се однесува поплаката за изнаоѓање решение.

На веб-страницата на „Мој термин“ јасно е наведено дека нема слободен термин за преглед. На истата адреса секој може да провери достапност на одредени апарати и лекари – специјалисти.

Претходно «
Следно »