СТИВ НАУМОВ УШТЕ БЕЗ ГРЕЕЊЕ И ТОПЛА ВОДА: Хаос во студентските домови!

  • October 26, 2018

Студентите од домот „Стив Наумов“ и натаму чекаат греење и топла вода. Иако надлежните најавија решавање на проблемот, радијаторите и денеска останаа студени, а болјерите празни. До санирање на проблемот, студентите се принудени да греат вода во тенџериња за да се искапат. Од студентскиот „Стив Наумов“ велат дека се во координација со БЕГ и очекуваат решавање на проблемот.

Екипи на БЕГ активно работат на отстранување на дефектот. Сега останува отворено прашањето дали од ноќеска, студентите ќе имаат парно греење.

И додека се работи на отстранување на проблемот, студентите од „Стив Наумов“ веќе две недели живеат во лоши услови.

Студентите се жалат дека тука живуркаат и тоа под секое човечко достоинство кога е во прашање студентскиот стандард во Македонија. Во меѓувреме, тие кои престојуваат во како што велат малите соби, плаќаат по 3.000 денари месечно.

Откако студентите се пожалија на живеачката во домовите, се огласија и од опозицијата. Од таму велат дека било крајно време власта да направи нешто, и да им обезбеди пристојни услови за живеење.

– Студентите во студентските домови не можат да ги остварат основните потреби. Тие со недели немаа ниту топла вода, ниту греење, а температурите се се пониски. Студентите живеат во субстандардни услови. Иако редовно ги плаќаат обврските кон државата, обврските за домување, добиваат ризик по нивното здравје, рече Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнителните грејни тела во домовите се забранети, но студентите сега мора да ги користат зашто парно за сега нема.

Долга е листата на проблеми со кои се соочуваат студентите сместени во домот „Стив Наумов“. Храната во мензата, велат била неквалитетна, еднолична и количински малку. Читалната, пак, не доволно осветлена, иако тоа е место каде треба да учат студентите.

 

Претходно «
Следно »