СТИГНА АБЕР И ОД СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ: Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името

  • June 1, 2018

САД и натаму ги поддржуваат актуелните преговори под водство на Обединетите нации за проблемот околу името на Македонија, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, нагласувајќи ја поддршката за решение на овој долгогодишен спор.

© AP Photo/ Jacquelyn Martin

– Се надеваме дека лидерите на Македонија и Грција ќе најдат заедничко прифатливо решение за проблемот со името, што ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот, соопшти Стејт департментот.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека решението за деценискиот спор за името никогаш не било поблиску, но не изнесе повеќе детали за евентуалниот договор, кој според најавите треба да се финализира во телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас.

Претседателот Ѓорге Иванов, пак, по вчерашната средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров на која беше информиран за текот на процесот за решавање на спорот со Грција, соопшти дека за него не е прифатливо име за севкупна употреба и промена на Уставот.

Министерот Димитров изјави дека за прашањето за името потребни се лидерство и највисока одговорност од сите политички фактори.

– Доколку најдеме начин да го затвориме проблемот со зачувување на идентитетот и достоинството, сите заедно ќе бидеме на правата страна на историјата, рече Димитров.

Претходно «
Следно »