СТРУМИЦА Е, ИЛИ НЕ Е БЛАГОЕВГРАД: Зошто Струмица, а не Скопје за заедничка македонско-бугарска владина седница?

  • November 18, 2017

Вест на денот е дека Струмица се подготвува за заедничката седница меѓу Владата на Македонија и Владата на Бугарија. Зошто не Скопје, туку Струмица?! Не случајно рекле, ништо не е случајно а ако е, тогаш е доста добро испланирано…

Историјата и после 100 години од поделбата на Македонија во Балканските војни 1912-1913 се повторува, исти се актерите, исти се интересите, различни се извршителите…

И деновиве забрзано се прават и последните подготовки за седницата в четврток на 23 ноември 2017 година, на двете влади помеѓу Македонија и Бугарија.

На средбата во Струмица, двата владини кабинета треба да ги разгледаат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршката во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

Одржувањето на заедничката седница беше договорено за време на официјалната посета на премиерот Бојко Борисов во Скопје на први август годинава, кога беше склучен Договорот за пријателство, соработка и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Но, зошто Струмица, а не метрополата Скопје, главниот град на Македонија, како место за одржување на заедничката седница на Владата на Македонија и Владата на Бугарија?!

Малку историја, затоа што се’ се врти околу неа, за да ја снема македонската историја, држава и нација…

Со Првата балканска војна во 1912 година Турците биле победени од балканските сојузници Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора и истерани од Македонија, а со тоа и од Струмица. Бугарија ја окупира Струмица.

Во Втората балканска војна, во 1913 година, која се водела меѓу балканските сојузници за поделба на Македонија, Бугарија била поразена. Струмица со мировниот договор од Букурешт од 28 јули 1913 година сепак останала под власт на Бугарија. Грчките војски, кои биле стационирани во Струмица, револтирани од одлуката за повлекување, го запалиле градот и тој горел во периодот од 8 до 15 август 1913 година, при што биле изгорени повеќе од 1.900 јавни згради, приватни куќи и други објекти. Под бугарска власт Струмица останала се’ до 1919 година, кога со мировниот договор од Версај, со кој е завршена Првата светска војна, влегла во составот на Кралството СХС (од 1929 година Кралство Југославија). Во тоа кралство, Македонскиот народ бил без никакви права и бил подложен на асимилација и колонизација од Србија…

Во Втората светска војна, на 6 април 1941 година Струмица била окупирана од германската војска. Со договорот што го имале склучено Германците за сојуз со Бугарија, Германија на 18 април 1941 година ја предала Струмица под окупација на бугарските војски. Македонскиот народ, Струмичани, незадоволни од германската и бугарската фашистичка окупација, започнале воени дејствија против нив. На 11 септември 1944 година бугарската војска била протерана од Струмица, а на 5 ноември 1944 година градот го напуштила и германската војска. За народни херои од Струмица биле прогласени Благој Јанков – Мучето, Сандо Масев, Боро Џони, Герас Цунев и други.

По војната, Македонија пристапи во сојуз во федерацијата Југославија, како рамноправна нација и држава.

Премиерот Заев веќе призна, дека кога бил градоначалник на Струмица од спомен плочата во помен и спомен за убиството на народниот херој Благој Јанков Мучето, каде пишувало “Мучето загина од бугарски фашистички куршум” го избришал зборот “бугарски”. Образложението на Заев беше, дека тоа е прилог кон Договорот Заев-Борисов, во новиот дух на пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Да се заборави, дека фашистичка Бугарија била окупатор во Македонија, туку тиа биле некои фашисти, фантоми. Тоа е се’, Македонски народе. Тоа што цела Македонија е покриена со споменици и спомен плочи за ѕверствата на бугарските фашисти за време на Втората светска војна во Македонија е задача на новата Влада, да ја смени македонската историја. Иронијата да биде поголема, Сојузот на борците, тие што се уште се живи, останаа без коментар и одговор, со кого борците војуваа во Втората светска војна и од кого ја ослободуваа Македонија?!

Струмица е првиот град ослободен од непознат фашистички окупатор, премиерот зборот “бугарски” пред “фашистички окупатор” веќе го избриша од историјата. Ама не и од меморијата.

Фали уште само одговорот од премиерот Заев: Кој ги депортира Евреите од Македонија во логорите на смртта во Треблинка во Полска под окупација на нацистичка Германија?!

Се разбира, не зборуваме за анатема и екскомуникација врз Бугарија и бугарската нација, туку за историско македонско-бугарско помирување, за помирување без ретушираше на историјата, за Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија врз основниот меѓународен принцип на еднаква сувереност што подразбира взаемно почитување и соработка по сите сите прашања од заеднички интерес, без мешање во внатрешните работи и на реципроцитетна основа. Бараме официјална Софија да собере сили и да се извини за жртвите во Македонија од времето на бугарската фашистичка окупација во Првата и Втората Балканска војна и Првата и Втората Светска Војна…

 

Пишува:
Тодор Петров
Светски Македонски Конгрес

Претходно «
Следно »