СУБВЕНЦИИ ЗА ОЏАЧАРИ И ЃУБРЕ ОД СТРУГА: Нелогичниот план на Шилегов за наводна чиста средина

  • April 30, 2018

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов ќе обучува 25 оџачари, со цел, надвор од грејната сезона да започне со справување со проблемите со загадувањето.

Според она што го истакна градоначалникот на Скопје денеска, тоа нема да го реши проблемот со загадувањето, но ќе помогне во справувањето со тој проблем.

– Бидејќи нема оџачари, Град Скопје заедно со Министерство за труд и социјална политика, но и Агенцијата за вработување, ќе спроведе обука која ќе трае три месеци. Лицата кои ќе се обучуваат ќе добиваат по 9 000 денари, а по завршување на истата, освен сертификат, ќе добијат и материјали потребни за чистење на оџаци, најави Шилегов.

Но апсурдно е тоа што Шилегов ќе го намалува загадувањето во главниот град, а истовремено заедно со криминалниот картел на власт го претвораат Скопје во голема депонија.

Имено како што објави ВМРО-ДПМНЕ градот Скопје станува главна депонија во Македонија во која треба да се слеваат депониите и од другите градови во државата што е недозволиво и со катастрофално влијание по однос на животната средина.

Во Скопската депонија Дрисла се транспортира ѓубрето од Тетово, а најново е што од страна на општина Струга е објавен јавен тендер за избор на компании кои ќе постават контејнери и ќе го пренесат сметот од депонијата во Струга.

-Исто така беше кажано дека за целава активност во игра e депонијата Дрисла, и мислиме дека ова е премногу сериозна работа и дека ова е нешто што не треба да се премолчи, туку напротив треба да се стопира. Имено, ако се земе во предвид фактот дека целосната кампања на градоначалникот Петре Шилегов и ударниот момент од таа кампања за што ја доби довербата на граѓаните на град Скопје беше екологија и чист воздух, за нас ова е вознемирувачко и недоследно за она што се ветуваше и за она сега што се случува, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Едно од прашањата е дали градоначалникот на град Скопје дозволи и даде одобрение за одлуката сметот од депонијата Струга да се носи во град Скопје во Дрисла?

-Второ дали имаат направено анализа какво влијание тоа ќе има врз животната средина? Трето дали се во прашање приватни бизнис интереси на луѓе блиски до власта кои треба да профитираат од сето ова? Се работи за тони и тони отпад во распаѓање што ќе има катастрофално влијание врз здравјето не само на граѓаните од околината на Дрисла туку и на граѓаните кои живеат во Скопје. Дали носењето на отпад во Скопје е предмет на коалициски договор СДСМ-ДУИ? Скопје не може да стане главна депонија во државата, Шилегов и власта да ја повлечат идејата за транспортирање на отпадот од Струга во Дрисла, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку Општина Струга избра и компании за транспорт на сметот од дивата депонија во нивниот град која подолго време претставува опасност по нивните животи право во Дрисла.

За 40- тина дена ќе биде транспортиран сметот од струшката дива депонија до скопска Дрисла.

Општина Струга на јавен тендер избра компании кои ќе ги постават контејнерите, ќе го пренесат сметот и целосно ќе ја конзервираат постоечката депонија. Активностите на депонијата ќе започнат за некој ден, а целата постапка ќе чини околу 400 илјади евра.

Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека криминалниот картел на власт го претвораат Скопје во голема депонија. Отпадот од повеќе градови од државата ќе се носи во Скопје, со што се загрозува животната средина и здравјето на скопјани.

– Во скопската депонија Дрисла во моментов се транспортира ѓубре од Тетово, а истото се планира и со сметот од општина Струга. Дрисла не може и не смее да биде депонија каде ќе се носи отпад од цела држава. Тука се работи за тони и тони дополнителен отпад кој е во распаѓање и е исклучително штетен, како за животната средина, така и за здравјето на граѓаните. Скопјани не го заслужуваат тоа. Со ваквиот начин на управување на Дрисла, Скопје со сигурност ќе го дише најзагадениот воздух во државата. Квалитетот на воздухот нема да се подобрува, туку ќе се влошува. СДСМ пред изборите не им кажа на граѓаните дека планира од Дрисла да направи депонија за целата држава, истакна таа.

Попова потенцира дека СДСМ ги излажа скопјани.

-Во предизборната кампања едно од главните ветувања поради кое ја доби довербата на жителите на град Скопје беа ветувањата на чист град и чистиот воздух. Граѓаните чекаат одговори, дали Градот Скопје дозволи носење на сметот од депонијата во Струга во Дрисла? Дали позади ова се крие некаков бизнис интерес? Со оглед дека сметот ќе се подигнува во овој момент само од општини кои се под контрола на ДУИ дали ова е предмет на некој коалициски договор на СДСМ-ДУИ? Потенцираме дека Скопје не смее да стане главна депонија во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ бара картелот на власт и Градот Скопје да се откажат од замислата од Дрисла да прават депонија за цела држава. Скопјани сакаат чисто Скопје. Скопјани заслужуваат здрава животна средина и чист воздух. Никој не смее да си поигрува со здравјето на граѓаните, порача таа.

Претходно «
Следно »