СУДИИТЕ СЕ БУНАТ НА СКАНДАЛОЗНИОТ ИЗБОР: Судијката Антоанета Димовска прашува зошто се молчи на скандалозниот избор на судии!

  • November 24, 2017

Судијката Антоанета Димовска од Основниот суд Скопје 2, денеска отворено реагира на вчерашниот избор на судии од страна на Судскиот совет. Димовска, која беше на листата на судии, кандидати за судии во граѓанскиот оддел на Апелациониот суд пишува за скандалозниот избор и прашува зошто молчат судиите и нивното здружение. Ви ја пренесуваме реакцијата на судијката Димовска

Отворено писмо до Судскиот совет, колегите судии, Здружението на судии и целата демократска јавност во Република Македонија

На 24.11.2017 година се случи уште ден скандалозен и срамен избор на судии.  Дека во судството има големи проблеми е нешто што сите го знаат и секако дека нема да кажам ништо ново ако го кажам тоа. Тоа го кажаа многу домашни експери , за жал се доведовме во ситуација тоа да ни го кажат и странски експерти и за поголем жал со полна уста се најавуваа реформи во судството кои сите ние ги чекавме како жеден вода.

Граѓаните ги очекуваа реформите затоа што очигледно не се задоволни со начинот на функционирање на судството. Јас како судија можам да кажам дека до пред извесно време кое се мери во неколку години наназад тврдев дека судиите се на висината на задачата со некои мали исклучоци што не се за оправдување, но за жал присутни. Веќе неколку години неможам да тоа да го тврдам  од едноставна причина што пред фактите кои се многубројни молчат и боговите, а не судиите.

Но, сега да се вратиме на изборот!

Зошто овој избор е најсакнадалозен?

Имено се изнаслушавме дека судиите се бираат по разни “тефтерчиња“, дека тоа веќе нема да биде така, дека мора да се почитува професионалноста, интегритетот и знаењето како единствени критериуми при изборот.

Експертската јавност упати критики на постојниот “мерит систем “ кој сите ние судии го оценивме како апсолутно неадекватен за унапредување на судиите но никој не се обиде едноставно да објасни што точно тоа значи. За информација на граѓаните појаснувам што значи мерит системот. Тоа значи дека работата на судијата се бодува, по квантитет, односно вкупно завршени предмети, по квалитет-укинати или преиначени одлуки од повисокиот суд, при што пресуден е квантитетот, однсно најмногу бодови носи квантитетот.

-Затоа да не се чудиме што многу судии имаат оценка многу добар, која е највисока оценка, но има голема разлика во бодовите, па така некој има 200, а некој 260. Имено доколку судијата работи на материја која квантитативно има голем број на предмети секако дека ќе има повеќе бодови. Тука доаѓаме до тоа дека распоредот во судовите не е направен така што речиси подеднакво сите судии ќе имаат ист обем на работа, да работат на материја која приближно е еднакво сложена и сл.

Потоа да го додадам она што е мошне значајно, а тоа е дека со овој систем судиите “се стимулираат“ да отстапуваат од своите правни стојалишта, затоа што ако ги прифатат стојалиштата на повисокиот суд нема да им биде укината одлуката, а со тоа нема да им бидат пресметани негативни бодови.  Правото е наука која секојднево се менува, затоа што се менуваат законите, општествените прилики и сфаќања, но судиите очигледно со овој систем не се стимулирани да носат одлуки согласно со фактите кои ги утврдиле и да го применат правото онака како што тие мислат. Мора да се напомене дека ваков систем не познава ниту една држава но ние сме познати по ексклузивитети.

За воља на вистината при примена на  одредба од член Член 46 од Законот за судовите и членот 41 од Законот за судскиот совет,  јасно е дека покрај бодовите постојат и други критериумим кои Судскиот Совет треба да ги почитува, па доколку двајца кандидати подеднакво ги исполнуваат условите ќе, биде избран оној кој има најмногу бодови. Ете тука е тоа што граѓаните и судиите не го слушнаа.

Судскиот совет ниту при изборот на 24.11.2017 година ниту при било кој друг избор не кажа од кои причини се бира кандидатот, за разлика од останатите кои имаат повеќе или помалку бодови. Судскиот совет впрочем сесрдно ја убедуваше јавноста дека со најновите измени на законите мора да се бираат судиите исклучиво во согласност со бодивите кои ги оствариле. Ние судиите тврдевме дека така не произлегува од законот, за потоа Судскиот совет да ретерира и да прави избор на судии, без да се избира оној судија кој има најмногу бодови, но без да се даде образложение зошто тоа го прави.

Секој судија има своја биографија која ја градел со години, во која има светли моменти, не многу светли или пак и неможе да се каже дека придонел многу во градењето на судската пракса и носењето на законити и правични одлуки. Некој судија во стручните кругови искажувал мислења, ставови со кои можеби некои и не се согласувале, но поттикнале расправа која вродила плод, се со цел на изнаоѓање на најдобри решенија при разрешувањето на споровите.

Судии кои секојдневно се едуцираат вложуваат во своето знаење и се ценети од своите колеги.  Мора да истакнам дека апсолутно се согласувам и со фактот дека нечие работно искуство од 20 година како судија и вкупен стаж во судството од речиси 30 година и не гарантира дека заслужува да биде унапреден, но секако дека треба да биде предмет на сериозна оценка од страна на Судскиот совет кога ќе се даде предност на судија со многу помало работно искуство. Со ваквиот избор останаа многу неодговорени прашања, огорченост и чувство дека за нашето судство нема лек.

Секако дека под итно треба да се престане со етикетирање на судиите дека се партиски настроени само затоа што биле избрани во време кога била на власт некоја партија. Неможе некој да биде етикетиран дека припаѓа на некоја партиска провиниенција само затоа што некој негов близок е член на партија или партиски функционер и тоа да му биде пречка за напредување во кариерата. Евентуелната партиската наклонетост на судијата е многу суптилна, перфидна и загрозувачка за државата. Тоа значи дека тој судија секогаш ќе се раководи во одлучувањето спрема тоа кој е на власт или која партија е блиска на странката. Е ова е вистинскиот проблем. Секој судија мора да биде унапреден согласно со неговото знаење, интегритет, работно искуство и постигнати резултати.

За да се оствари тоа мора секој граѓанин да слушне што го одвојува  судијата кој е унапреден, од останатите   кандидати кои ги исполнуваат сите наведени критериуми како и избраниот. Уште повеќе зачудува и фактот што од седумдесетина кандидати Советот неможеше да избере уште еден кандидат кој ги исполнува условите да биде избран за судија во Апелациониот суд Скопје, а што стана вообичаена пракса во изборот, ако се имаат предвид досегашните избори .

Пред фактите и боговите молчат но судиите уште повеќе!

 

М-р Антоанета Димовска

Судија во Основен суд Скопје 2 Скопје

Претходно «
Следно »