ТАЛАТ ОД „ПРЕСПАВ“ РЕШИ ДА СЕ ЖЕНИ: Изборот голем, ама понудата зафатена!

  • February 26, 2019

Талат од „Преспав“ реши да се жени… Па минатиот викенд киниса од Џепчиште „директ драјв“ за Скопје, да бара невеста. „Да најде нусе, за да го носи на татко да го види, дали е добро за у куќа“… До душа, прво беше по награда на „Златна Бубамара“, па потоа тргна невеста да бара!

Горе, доле, лево десно, низ главниот град, гледаше, се распрашуваше, се’ додека не налета на некои луѓе кои го упатија во хотелот „Александар Палас“. Нееее… не за да ја капариса салата, никако… Па свадбата ќе биде у Џепчиште у двор, а не у некојси таму (х)отел. Па ако треба да е у (х)отел, Талат си го има „Преспав“!


Во посочениот хотел се одржуваше 9-тиот „Саем за венчавки“, па затоа Талат сакаше да ја искористи убавата можност да одбере невеста за себе. Чисто онака, да види прво како ќе му прилега, па ако е „пасент“, после може да ја носи дома… на бендисување. И навистина, изборот голем… Не голем, огромен… Поооооо…


Невести колку да сакаш… И сите убави, нашминкани, дотерани, со фризури, во различни раскошни венчаници… Да ти е мерак да ги гледаш. И мижеечки да бираш, ќе одбереш, без да згрешиш…

Арно ама, голем избор – голем проблем за Талат! Изборот голем, ама понудата… зафатена!


Која и да ја погледне, на која мерак и да има, кај и да фрли око – зафатено! Сите познати, ама слободна ни една нема!


Пејачката Викторија Лоба – во долга врска…

…Водителката Милена Станковска веќе мажена и со дете…

…Пејачката и водителка Јана Бурчевска – исто така…

…Зои Блаж дошла сосе „маж“…

Единствена слободна што на Талат му западна за око моделот и мисица Емилија Димитриевска, ама, кај неа пак проблем: Ем самата тренира бокс, ем близок пријател и е Жан Клод ван Дам, па сега ти види Талат дали е за зимање за жена? Дали од неа ќе јадеш манџа или ќотек?

И така врти-сучи, Талат реши да го одложи изборот на невеста… За подобри времиња! И таман да си оди назад дома за Џепчиште, кога наместо тој да бендиса невеста, го бендисаа него… за зет!

До душа само за на модната писта, ама после тоа кој да знае… Па така Талат од „Преспав“ стана најпосакуваниот младоженец на саемот.

Модерна фризура, костум по мерка, китенка на реверот и…

Дритон Вејсели за час е подготвен да биде зет за пет… Или зет како мед! И после Талат немале да го фалат!

Претходно «
Следно »