ТЕНЗИИ ВО КАТАЛОНИЈА: Редици пред избирачките места, блокади, пристигнуваат уште полицајци

  • October 1, 2017
 Каталонците почнаа да гласаат на референдумот за независност за кој шпанската влада тврди дека е неуставен и оти ќе се обиде да го спречи

Стотици граѓани од Каталонија од рано наутро стојат во редови пред избирачките места за да гласаат на референдумот за независност на овој богат шпански регион.

Ројтерс објави дека некои граѓани ја блокирале вратата на избирачките места, во случај полицијата да се обиде да го спречи гласањето.

Избирачките места се отвараат, како што е најавено, во девет часот по локално време, или седум по Гринич, но сѐ уште е неизвесно дали гласањето ќе се одржи.

Најавениот референдум, кој ја турна Шпанија во најлошата уставна криза во последните неколку децении и предизвика страв од улично насилство, е тест на силата на волјата меѓу Мадрид и Барселона.

Шпанските власти испратија засилување, а во Барселона, уште пред зори стотици полициски возила тргнаа кон Каталонија, објави Ројтерс.

Шпанските власти го конфискуваа претходниот гласачки материјал, но локалните медиуми известуваат дека на некои избирачки места има нови гласачки кутии.

Изборната комисија за надгледување на изборите е расформирана, а илјадници полицајци се распоредени за да го блокираат влезот на гласачките места.

Претходно «
Следно »