ТОДОР ПЕТРОВ:ЕВРОПСКАТА БАЈКА И БУГАРСКИОТ КОШМАР

  • July 9, 2016

todor_petrov

 

 

 

 

 

Пишува Тодор ПЕТРОВ

Од земја со најдобро земјоделско производство во регионот, Бугарија денес е најсиромашна земја во Европската Унија. Позната како “домат-република“, Бугарија остана без сопствено производство на домати. Од земја која извезуваше струја во Турција, Македонија, Грција и Албанија, дури и на една Италија, Бугарија денес е земја во која цветаат сиромаштијата, корупцијата и криминалот. И сето тоа, поради членството на Бугарија во Европската Унија со која Софија склучи Спогодба за асоцијација во 1993 година. Веднаш по тоа, уследи распределбата на природните ресурси, коишто Бугарија беше принудена да ги продаде на странци, за да стекне статус членка на Европската Унија. Новите сопственици на бугарското национално богатство станаа меѓународни корпорации, најчесто оф-шор компании. Бугарија ја продаде електро-дистрибуцијата на Чесите, Австријците и Германците, на Французите им припаднаа водоводот и канализацијата, а рудниците на бакар ги купија Белгијанците. Во потрага по странски инвестиции, до 2013 година Бугарија изгуби 60% од работните места, остана без луѓе во државата. Од Бугарија во Европската Унија се иселија речиси 3 милиони, претежно млади и квалификувани кадри, што доведе нацијата да се преполови и секундарно да остаре, во неа, за жал, останаа старци и пензионери. По добивањето на статусот кандидат за членка на Европската Унија, Софија ги започна преговорите за членство во 2004 година. Конечно, 2007 година Бугарија стана членка на Европската Унија. Иако Бугарија речиси една деценија е членка во Европската Унија, сепак, за неа важат правилата на дискриминација. Со години, работни дозволи за Бугарите бараат Германија, Франција, Велика Британија, Австрија, Хиоландија, Луксембург, Белгија, Ирска и Малта. За Бугарите не важи Договорот за Европската Унија според којшто “Се гарантира слободата на движење на работниците во Европската Унија… што опфаќа забрана на секоја дискриминација меѓу работниците на државите членки заснована на државјанство, а во поглед на вработувањето, наградувањето и другите услови за работа.“

Во Бугарија се случува феномен и во врска со вработеноста. Наместо опаѓање на бројот на невработените по влезот на Бугарија во Европската Унија, се случува спротивното. Во 2000 година невработеноста во Бугарија изнесуваше 13,5%, во 2014 година таа достигнува 21,8%! Тој процент би бил уште многу поголем доколку се сметаат иселените 3 милиони млади надвор од Бугарија. Денес Бугарите претежно работат во Италија, Шпанија и други земји членки на Европската Унија, главно како градежни работници и болничари. Надворешниот долг на Бугарија, во “европската деценија“, порасно повеќепати. Во 2013 година надворешниот долг на Бугарија достигнува речиси 43 милијарди долари. Ваков вртоглав пораст на надворешниот долг на Бугарија, заедно до должничката криза во Грција, ја принуди Софија да се откаже од пристапувањето во еврозоната во 2012 година. Речиси безусловната ориентација кон европскиот и германскиот пазар, наместо порано кон рускиот пазар, доведе до пораст на надворешно-трговскиот дефицит на Бугарија кој од 2000-2011 година порасна за повеќе од 15 пати. Буагарија не ги доби ниту ветените средства од Брисел. Поради алиби “корупција“, Брисел само во 2008 година и’ блокира средства во висина од 500 милиони евра поради “недоволна борба против корупцијата“.

Се поставува прашањето, како бриселската бирократија не ја согледа корупцијата во државната администрација на Бугарија во 2006 година, година дена пред членството на Бугарија во Европската Унија, туку откако Бугарија стана членка на Унијата? Со истото алиби Брисел во јуни 2010 година блокира 106 милиони евра наменети за програмата “рибарство“ што требаше да трае до 2013 година. Во извештајот за Бугарија од јули 2012 година на Комисијата за европски прашања на Францускиот Сенат, се тврди дека Бугарија искористила само 19% од ветените средства за периодот 2007-2013 година во износ од 6,9 милијарди евра. Значи од ветените 6,9 милијарди евра, Бугарија добила само околу 1,3 милијарди евра. Или попрецизно, од ветените 1,3 милијарди евра годишно, Бугарија можеше да смета на реални околу 250 милиони евра, иако од оваа сума не се пресметани средствата кои одат на консултанти и фирма од Европската Унија што работат на територијата на Бугарија. Ако и тие средства се исклучат, тогаш тој износ од 250 “реални“ милиони евра би бил уште многу помал.

На барање на Европската Унија, Бугарија ги стопира градежните работи на рускиот гасовод “Јужен тек“. Загубата на бугарското стопанство само поради неплаќање на транзитни такси од тој гасовод се проценуваат на 400 милиони долари годишно. Воопшто не е за потценување и бриселската директива во врска со нуклеарната електрана “Козлодуј“ што ја изгради Русија. Европската Унија и’ постави услов на Софија: Бугарија е должна да ги затвори четирите од шесте блока, а подоцна целосно да ја затвори работата на нуклеарната централа “Козлодуј“. Со тоа Бугарија ја изгуби енергетската независност. Уште една директива на Европската Унија ја принуди Бугарија, 16% од стандардната енергија да биде заменета со “зелена“ – ветерници и сончеви колектори. Цената на “зелената“ енергија е десет пати поскапа од цената на мегават од нуклеарката “Козлодуј“, ама Бугарите беа должни да ја откупуваат под ненормални услови! Кога сме до енергијата, уште една информација: Две стари советски термо-електрани “Марица-Исток 1“ и “Марица-Исток 3“ ги откупи непозната американска компанија, под договор со најнеповолни услови. Имено, Бугарската влада презеде обврска да ја откупува целата електрична енергија од Американците во период од 15 години по исклучително високи цени. Разликата, се разбира, ја плаќаат Бугарите. На барање на Американците, Бугарската влада ја затвори и нуклеарната електрана “Белене“ која се гради од времето на Советскиот Сојуз и се’ уште не е завршена. Иако реакторот е речиси готов, а рускиот изведувач “Атомстрој-експорт“ повеќепати нудел флексибилни и поволни услови за плаќање, само и само проектот да се заврши, без оглед на потрошените руски и бугарски пари, Бугарскиот Парламент со закон ја затвори нуклеарката “Белене“ и со тоа целиот високо-технолошки сектор го осуди на тивка смрт.

Бугарија ги изгуби кадрите за атомистика. Атомстрој-проект се закани со тужба од милијарда евра, меѓутоа ниту тоа не ги одврати бугарските пратеници и влада од намерата за банкрот поради американската и бриселската “љубов“. Бугарија стана колатерална штета поради односите меѓу САД и Руската Федерација. На Американците воопшто не им е гајле за Бугарија, ним најважно им е да се стопираат сите руски проекти во Бугарија. Европската бајка за Бугарите, стана комшар што тешко ќе ја врати Софија од кома. Како и кога Бугарија ќе излезе од оваа агонија ќе покаже времето. За жал, директивите на бриселската бирократија ја уништуваат Бугарија и нејзината нација… Истото ја чека и Македонија…

Претходно «
Следно »