October 20, 2021, 5:52 pm

ТОДОР ПЕТРОВ: Зошто претседателот на Републиката не е Врховен командант на вооружените сили на Македонија?!

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Според членот 79 од Уставот “(1) Претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката. (2) Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. (3) Претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.“

Но, од говорот на претседателот на Републиката Ѓорге Иванов на 18 август 2017 година – на Денот на Армијата, јавноста дозна дека АРМ била ангажирана без негова согласност! Оваа изјава сама по себе е алармантна, затоа што претставува суспензија на уставниот поредок и мек државен удар. Прашањето е кој ги злоупотребил уставните овластувања и ја ангажирал Армијата без наредба на Врховниот командант на Вооружените сили на Македонија?! И што ако утре таа пракса се повтори?!

Но, да тргнеме од почетокот … да видиме од кога почна оваа уставна дерогација на претседателот на Републиката од Врховен командант на Вооружените сили на Македонија, до Врховен командант на Армијата на Република Македонија, се’ до ангажирањето на Армијата без согласност на претседателот на Републиката…

На парламентарните избори одржани на 18.X и 1.XI.1998 година на власт дојде коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ со Демократската алтернатива и ДПА. Во периодот од 30.XI.1998 до 1.XI.2002 функцијата премиер ја вршеше Љубчо Георгиевски. За време на неговиот мандат пет пати е извршена реконструкција на Владата: 19.V.1999, 27.XII.1999, 27.VII.2000, 30.XI.2000 и 13.V.2001 кога за време на војната во Македонија е формирана широка коалиција во чиј состав влезе и СДСМ со потпретседател на Влада и министри за надворешни работи и за одбрана. Министрите од СДСМ поднесоа оставки на 22.XI.2001, по што беа избрани нови министри во владата на премиерот Георгиевски.

Првиот Закон за одбрана, после дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, во суверена и самостојна држава Македонија, Собранието го донесе на седницата одржана на 14.II.1992 (“Службен весник на Република Македонија“ број 8/1992).

Вторпат Закон за одбрана, Собранието донесе на седницата одржана на 30.V.2001 (“Службен весник на Република Македонија“ број 42/2001) во време на широката владина коалиција, по предлог на тогашниот министер за одбрана од СДСМ Владо Бучковски, кога претседател на Владата беше Љубчо Георгиевски, а претседател на Републиката Борис Трајковски од 15.XII.1999 до атентатот на 26.II.2004. Од 13.V.2001 министер за внатрешни работи беше Љубе Бошковски, кој ја наследи Доста Димовска.

Во војната 2001 година, ВМРО-ДПМНЕ повикуваше на мобилизација, СДСМ своите членови ги одвраќаше од мобилизација и регрутација. Во мандатот на Владо Бучковски за министер за одбрана, СДСМ го пацифизира министерството за одбрана, а ВМРО-ДПМНЕ за сметка на тоа го милитаризира министерството за внатрешни работи. И практично МВР доби Генералштаб со сите армиски формации, како супститут на пацификацијата во Министерството за одбрана што ја вршеше СДСМ.

Во услови на широка коалиција, по предлог на Владо Бучковски, Собранието го донесе новиот Закон за одбрана, на седницата одржана на 30.V.2001. За жал, со Законот за одбрана се изврши поделба на Вооружените сили на Македонија. Наместо единство и субординација, МВР остана под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, а АРМ под контрола на СДСМ. Во таа поделба на Вооружените сили на Македонија, имајќи предвид дека претседателот на Републиката по Устав истовремено е Врховен командант на Вооружените сили на Македонија, со Законот за одбрана, уставната функција на претседателот на Републиката од “Врховен командат на Вооружените сили на Македонија“, што подразбира сите лица вооружени во согласност со Закон, односно и МВР и АРМ заедно со се резервниот состав, СДСМ ја дерогира во “Врховен командант на АРМ“. Со членот 28 од Законот за одбрана, за командувањето во Армијата е утврдено дека “(1) Претседателот на Републиката е врховен командант на Армијата. (2) Командувањето со Армијата, претседателот на Републиката го спроведува преку министерот за одбрана, во согласност со Уставот и овој закон. (3) Со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката. (4) Командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата. (5) Наредбите на претпоставениот старешина во Армијата не се извршуваат ако нивното извршување претставува кривично дело.“

Со членот 28 став 1 од Законот за одбрана, уставната позиција на претседателот на Републиката како Врховен командант на Вооружените сили на Македонија беше дерогирана во Врховен командант на Армијата со дополнително ограничување во ставот 2 “Командувањето со Армијата, претседателот на Републиката го спроведува преку министерот за одбрана, во согласност со Уставот и овој закон.“ Командите на претседателот на Републиката како Врховен командант на Армијата, министерот за одбрана на СДСМ ги суспендира без негова согласност. Подоцна, Уставниот суд со Одлука У.бр.135/2001 и У.бр.155/2001 од 18.IX.2002 го укина членот 28 став 2 од Законот за одбрана со образложение дека “Претседателот на Републиката како врховен командант во согласност со принципот на хиерархија во командувањето како највисок старешина непосредно командува со Армијата преку началникот на Генералштабот, а не преку министерот за одбрана.“ Истовремено, Уставниот суд “оцени дека со спроведувањето на командувањето со Армијата преку министерот за одбрана се врши поделба на функцијата меѓу Претседателот на Републиката, како Врховен командант на Вооружените сили и Министерот за одбрана како старешина на орган на управа, а со самото тоа и до ограничување на ингеренциите на Врховниот командант. Воедно, ваквиот начин на командување со Армијата значи мешање на командните и извршните функции на министерот, што во Армијата не е допуштено, односно министерот за одбрана како член на Владата не може да врши командни функции во Армијата. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби и предвидениот начин на командување со Армијата преку министерот за одбрана утврден во член 28 став 2 од Законот за одбрана, Уставниот суд оцени дека со тоа се отвара можност за повреда на принципот на едностарешинство, принципот на субординација и принципот на единство во командувањето при употреба на силите и средствата и командувањето со Армијата, поради што оспорениот член не е во согласност со Уставот и поради тоа се укинува“.

Практично, Македонија од 30.V.2001, според Законот за одбрана на Владо Бучковски, нема “Врховен командант на Вооружените сили на Македонија“ како што утврдил Уставот, туку “Врховен командант на Армијата на Република Македонија“. Од 30.V.2001 Македонија нема Врховна команда на Вооружените сили на Македонија. Од 30.V.2001 до 22.XI.2001 за време на широката коалиција, командите на претседателот на Републиката беа суспендирани од министерот за одбрана од СДСМ, Владо Бучковски. Затоа и негова Е командната одговорност за сите загинати припадници на Вооружените сили на Македонија за време на војната 2001 година! За жал, никој не покрена прашање на политичка и кривична одговорност, никој не одговараше за загинатите припадници на Вооружените сили на Македонија.

Поради отсуство на Врховна команда на Вооружените сили на Македонија, во војната 2001 година, без субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата, свежи се сеќавањата, ќе се испотепаа припадниците на МВР и АРМ меѓусебе, за време на воените дејствија во Арачиново поради несубординација во координатите на движењето и нападите.

И, конечно, да се вратиме на 18 август 2017 година, на Денот на АРМ, кога претседателот на Републиката отворено проговори дека органите на државната власт имаат обврска да го почитуваат законот и редот за тоа како се употребува војската при справувањето со елементарни непогоди и при прогласена кризна состојба, мислејќи пред се на начинот на ангажирање на Армијата при справувањето со пожарите и другите елементарни непогоди. Претседателот обвини дека се’ почесто се случува АРМ да биде ангажирана без негова одлука и баз за тоа да бидат исполнети услови за прогласување кризна состојба.

Во Законот за одбрана јасно се наведува начинот за учеството на армијата во отстранувањето на последиците од вонредна и кризна состојба. Во член 40 е наведено дека “наредбата за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна и кризна состојба донесува претседателот на Републиката”. Додека упатство за начинот на учество на Армијата во санирање на ваквите состојби носи министерството за одбрана. Според Законот за одбрана, АРМ дава поддршка само на полицијата, но не и на другите државни органи, како на пример на Дирекцијата за заштита и спасувањето во случајот со пожарите, кои и онака тенкиот буџет на АРМ го чинеја околку половина милион евра.

Претседателот на Републиката на 18.VIII.2017 рече дека во иднина АРМ ќе има 4 главни задачи: прво, ќе помага во справувањето со природни непогоди, второ ќе биде поддршка за полицијата при борба со тероризам во урбани средини, трето заштита на границите од илегалната миграција и четврто одбраната од сајбер напади. Но, останува горлчивото сознание: Најголемата хаварија на системот на одбраната и безбедноста, дека Македонија нема Врховна команда на Вооружените сили на Македонија! Раздробена е во Дирекција за спасување и заштита, Агенција за управување со кризи, Врховен командант на АРМ – сите против секого и никој за никого, сите за никаде… Некоординацијата меѓу овие субјекти ја почувствувавме при ланските поплави во Гази Баба… Последиците од отсуството на единствена Врховна команда на Вооружените сили на Македонија, при не дај Боже воена или вонредна состојба, ќе ни се вратат како бумеранг по тилот на сите. Тоа во 2001 година не чинеше капитулација пред терористите, кои отпосле станаа власт, а денес решаваат кој од Македонците ќе формира Влада…

 

Пишува
Тодор Петров

10 КОМЕНТАРИ

Latest News

(Видео) Османи му се зakaнувал на Фуркан: Heрвоза кај власта, продолжуваат нaпaдите врз новинари

Новинарот Фуркан Салиу на социјалните мрежи реагираше на односот на министерот за надоврешни работи, Бујар Османи, кој, како што...

More Articles Like This