ТОПЛОТЕН БРАН КОЈ СЕ СЛУЧУВА ЕДНАШ НА 10 ГОДИНИ ВО ГРЦИЈА: Лекарите предупредуваат седете дома

  • June 27, 2017
  • Коментари

Метеоролошката служба на Грција денеска објави вонредно предупредување за топлотен бран кој од утре ќе ја зафати земјата, додека за време на викендот температурата ќе достигне 43 степени.

Градот Атина и другите општински власти ширум земјата денеска соопштија дека јавните згради и други климатизирани објекти ќе останат отворени по цел ден, каде граѓаните ќе можат да се заштитат од високите температури.

Метеоролозите предупредија дека се очекува температурите во нaредните денови постојано да се зголемуваат и до петок да достигнат 43 степени, што ќе продолжи и за време на викендот.

– Ваков топлотен бран е невообичаен во јуни и се појавува секои десет години, изјави шефот на грчката национална метеоролошка служба Антонис Лалос за државната новинска агенција АНА-МПА.

– Не знаеме што да очекуваме за јули, но не треба да претпоставуваме дека само затоа што сега гориме, тоа повторно ќе се случи во јули, додаде тој.

Здравствените власти во Атина вчера предупредија на покачени нивоа на озон, советувајќи ги старите лица, малите деца и лицата кои страдаат од проблеми со срцето или дишењето да избегнуваат подолго престојување надвор.

Властите, исто така, ги советуваат туристите да не ризикуваат топлотен удар заради совршен тен, советувајќи ги да останат во сенка и да пијат многу вода додека се на плажа.

Претходно «
Следно »