УШТЕ ДВЕ ВРАБОТУВАЊА ВО ЕЛЕМ: Синот на Тахир Хани и шурнајката на министерот Бектеши се вработија во ЕЛЕМ!

  • February 19, 2019

И Назми Хани, синот на заменик-генералниот секретар на Владата, Тахир Хани, се вдоми во ЕЛЕМ како референт во Подружница Треска. Веста за Алсат ја потврдија денеска лично Тахир Хани, но и од фирмата. ЕЛЕМ стана работно место и за шурнајката на министерот Крешник Бектеши, Нертила Усеини Каба, објави „Алсат“.

-Таа му е жена на братот на сопругата на министерот. Државната енергетска компанија е најжестоко критикувана, но и рекордер по вработувања на луѓе блиски до власта. По најавите од премиерот за повлекување на роднини на функционери од државните фирми, денеска прашавме во ЕЛЕМ, но таму денеска никој не одлучил да даде отказ. За нови случаи за непотизам обвинува и опозицијата, анализира телевизијата.

„Дека непотизмот не е еден случај и единствен, туку е начин на работење на СДСМ говори и примерот со пратеникот на СДСМ од Неготино Ристе Ташев, чијашто сестра Катерина Јорданова се вработила во Основното училиште Страшо Пинџур. Прашуваме, кој е критериумот според кој токму сестрата на пратеникот од СДСМ е вработена, а не некој друг?“, рече Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, првата оставка денеска падна на локално ниво, во Струмица. Од работното место референт во Централниот регистар се повлекува мајката на портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов.

„Иако мојата мајка е вработена на транспарентен оглас, каде што се испочитувани сите законски процедури, јас разговарам со неа и таа ќе се повлече од работното место. Очекувам овој принцип на висок морал да го следат и останатите функционери“, рече Костадин Костадинов – портпарол на СДСМ.

Министерот за администрација Дамјан Манчевски уверува дека роднините на функционерите ќе се повлечат од работните места, но одби да посочи конкретни имиња.

„Ќе се повлечат луѓето, првите резултати ќе ги видите денес, но да оставиме тоа да бидат конкретни чекори, најавени од самите луѓе во овој процес. Ќе ги кажат луѓето кои ќе се повлечат“, рече Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација.

Манчевски најави дека се готви и Закон за високораководна службa, според кој комисии составени и од претставници од невладиниот сектор ќе ги гарантираат процесите на вработување и изборот на луѓе, потсети Алсат.

Претходно «
Следно »