УШТЕ ЕДЕН МИЛИОНСКИ СКАНДАЛ: Директорката на хематологија му дала 3 милиони евра тендери на својот татко!

  • August 10, 2018

Основното Јавно Обвинителство утринава објави дека по допрен глас ќе формира случаи за делењето на тендери од Министерството за здравство и Јавните здравствени установи. Како што соопштуваат од ОЈО, против Филипче ќе се отвори случај за тендерот од 36 милиони евра за реагенси, кој Економски Лидер го отвори на 20 јули, но и за случајот со 24,6 милиони денари доделени во четири очи – кој повторно беше објавен од Лидер, минатата недела. – пишува Лидер

Инспирирани од оваа брза реакција на ОЈО, отвораме нова мега-афера, во која институцијата која ја води докторката Ирина Пановска – Ставридис, доделила 3 милиони евра на веледрогеријата „д-р Пановски“, која е во сопственост на таткото на Пановска. Во случајот кој го откриваме има огромни пропусти, документи без датум, но и потпишувања во туѓо име.

(На крајот од текстот можете да ги погледнете документите за случајот)

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Три тендери, со вкупна вредност од 185 милиони денари или нешто над 3 милиони евра се доделени во периодот од септември 2017 до мај годинава од Клиниката за хематологија на веледрогеријата „д-р Пановски“.

Се работи за класична злоупотреба на службената положба, барем така сличните случаи ги дефинираше анти-корупциската комисија, доколку се има в предвид дека веледрогеријата е во сопственост на Златко Пановски, татко на директорката на клиниката која ги доделила тендерите Ирина Пановска Ставридис.

На сајтот на Бирото за јавни набавки се прикажани сите три договори помеѓу ЈЗУ Клиника за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“, но документите за две од трите постапки се кријат како најстрого чувана тајна и не е можно да се стигне до нив, веројатно за да не се види како на еднната страна е потпишана ќерката, а на другата таткото.

Бирото за Јавни набавки крие два од договорите помеѓу ЈЗУ Клиника за хематологија и веледрогерија „д-р Пановски“.

Друг потпишувал во име на Пановска

За да нема потреба договорот да се крие од јавноста, за последниот договор кој е потпишан на 25 мај годинава, директорката Пановска овластила други потписници на страна на клиниката. Па, во договорот стои дека „За медицинскиот директор“, потпишуваат претседателот на управниот одбор Д-р. Мартин Ивановски и Организацискиот директор Маја Деменџиев.

Непозната пракса: Претседателот на управниот одбор и организацискиот договори Организацискиот директор потпишуваат во име на директорот на клиниката

Ваквата пракса, воопшто не ја амнестира Пановска од одговорност, ако се знае дека сепак двајцата потписници потпишуваат во нејзино име, но, во исто време со тоа стануваат дел од организираната мрежа која ја овозможува оваа злоупотреба на јавната положба.

Со овој договор од институцијата на Пановска на веледрогеријата на Пановски и се доделуваат 133 милиони денари или околу 2.2 милиони евра за набавка на лекови. А она што е симптоматично е тоа што на договорот освен потпис од Ирина Пановска Ставридис, нема ниту датум. Што отвора простор за анти-датирање, кое е кривично дело.

Договорот со кој се доделуваат над 2 милиони евра, нема датум!

На страницата стои дека Пановски имал најдобра понуда од сите останати 5 апликанти на тендерот, но во целата постапка фали техничката документација, за која се отвора сомнеж дека ги фаворизира лекоите за кои претставник во Македонија е веледрогеријата „д-р. Пановски“, исто како што беше детектирано во случајот со набавката на реагенси за лабораториите низ цела Македонија, која требаше да вреди 36 милиони евра, но по пишувањата на Економски Лидер и јавниот притисок – набавката беше стопирана.

Љубов и многу пари!

Не е тајна дека министерот Венко Филипче е во блиска врска со директорката на хематологија. Непосредно пред неговото поставување на функцијата, порталот МКД.МК објави дека Пановска е всушност девојка на тогаш предлог-министерот.

-Ако Филипче стане министер за здравство, тоа ќе го отвори прашањето за сериозен конфликт на интереси со неколку негови најблиски луѓе. На пример, по социјалните мрежи се објави дека девојката на Филипче, Ирина Ставридис Пановска е директорка на хематологија. Компанијата „Пановски“ со години е еден од најсериозните снабдувачи со лекови на македонското здравство, а особено на државните клиники со цитостатици. – пишуваше МКД.МК.

Ова не е прв пат преку фамилијарна врска „д-р Пановски“, да заработува од државните институции. Во 2006та, кога СДСМ беше на власт, неговата сопруга Снежана Смичковска беше директорка на клиниката за онкологија и се одвиваа слични шеми.

Сепак, на крајот, се чини дека „капи ди тути капи“, во целата оваа приказна е министерката за одбрана Радмила Шекеринска, затоа што таа е приватно блиска пријателка со Ирина Пановска, но беше и главен лобист за Венко Филипче да стане министер за здравство.

Прилози:

Договор за набавка од над 2 милиони евра од др. Пановски – https://drive.google.com/file/d/1TghEJ2sS9kJLARM0QKti-JTLVPDrDy8o/view?usp=sharing

Текстовите поради кои утринава ОЈО отвори истраги за министерот Филипче:

Претходно «
Следно »