УШТЕ ЕДНА ЛАГА НА ЗАЕВ: „Југохром“ нема да почне со работа во скоро време

  • April 25, 2018

Почнуваме со изградба на филтрите, сите работници ќе се вратат на работа. Наша цел е март, април да стартува комплетно Југохром, со фул капацитет, ветуваше премиерот Заев пред граѓаните на Јегуновце во текот на кампањата, а сега пак од неговата Влада велат дека не може да се постави рок кога фабриката би почнала со работа.

Премиерот Зоран Заев, министрите во неговата Влада, пратениците на владејачкото мнозинство, градоначалниците од СДСМ избрани на последните локални избори, едно кажуваа и ветуваа пред изборите, а сосем друго работат сега откако се на функцијата, барем така покажува примерот со компанијата Југохром.

Иако првично се најавуваше дека комбинатот Југохром ќе стартува со работа најдоцна до април оваа година, сепак од тоа ништо. Како причина за тоа се наведува што фабриката доцни со изградбата на пречистителните станици и еколошките филтри.

Од надлежното министерство истакнуваат дека без исполнување на овие два услови фабриката не може да продолжи со работа. Од таму велат дека законската обврска не е исполнета и поради тоа не може да се дадат рокови кога фабриката ќе почне со работа.

-Имаме некои контакти, чекаме на информација на она што е направено како инвестиција. Секторите во рамките на Министерството за животна средина потоа ќе ја оценат, практично она што е понудено од нивна страна, она што е вложено, каква опрема и слично. За жал доцнат со исполнувањето на обврските, вели заменик министерот за животна средина Јани Макрадули.

Инаку, премиерот Зоран Заев пред жителите на Јегуновце пред локалните избори во октомври ветуваше дека фабриката ќе почне со работа најдоцна до март или април, и тоа со полн капацитет, дека сите вработени во фирмата ќе бидат вратени на работа.

Во текот на предизборната кампања, премиерот на Република Македонија, кажа дека на 10 октомври ќе биде потпишан договор меѓу Владата, сопственикот на компанијата и синдикатот на вработените за изградба на филтрите во Југохром на задоволство на сите.

-Почнуваме со изградба на филтрите, сите работници ќе се вратат на работа. Наша цел е март, април да стартува комплетно Југохром, со фул капацитет, ветуваше премиерот Заев пред граѓаните на Јегуновце во текот на кампањата.

Поради ова лажно ветување на премиерот Заев, повеќе од 700 работници од Југохром остануваат во неизвесност, на нив прво им беше ветувано дека најдоцна од април ќе почнат со работа, сега од менаџментот на фабриката им велат дека ќе почнат најдоцна до септември оваа година, додека пак од Министерството за животна средина како што погоре пишавме кажаа дека не можат да дадат рок кога би почнала со работа компанијата.

Од менаџментот на фабриката посочено е дека се работи на решавање на проблемот.

-До крајот на јуни ќе биде завршена монтажата на челична конструкција. Потоа следува инкорпорирање на вентилите, фибер вреќите и други делови. Стартувањето на печките 7 и 89 се очекува да биде од септември годинава, се вели во дописот од менаџментот на компанијата.

Југохром не работи од ноември 2016 година, поради истекувањето на роковите за поставување на филтрите, Министерството за животна средина одлучи да го затвори комбинатот.

Претходно «
Следно »