ФАЗЛИУ ОД МОСТАР: Кај македонскиот народ има сомнеж дека врз Трајковски е извршен aтeнтaт!

  • February 26, 2019

Со положување венци пред спомен обележјето кај Мостар денеска е одбележана 15-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски, кој заедно со своите соработници и челновите на екипажот загинаа во авионска несреќа при доаѓањето на Меѓународната инвестициска конфренција 2004 година, наведе агенцијата ФЕНА.

Венци положија делегации на македонската Влада, Председателството на БиХ, Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Собранието на БиХ, Министерството за надворешни работи на БиХ, Амасадата на Македонија во БиХ, владите на Хецеговачко-неретванската жупанија, Градот Мостар и Здружението на Македонци во БиХ.

Во име на Владата се обрати министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу кој истакна дека Трајковски остави голем печат во македонската историја.

-Претседателе Трајковски, твојата и нашата Република Северна Македонија веќе е дел од НАТО Алијансата. Горд сум што заедно со мојата генерација успеавме да го оствариме и твојот идеал за стабилна безбедна и просперитетна земја која се грижи за своите граѓани подеднакво без разлика со кои букви завршува нивното презиме – на ски, Рамадани, Ѓорѓевиќ, Асимов или било кое друго. Денеска сме тука да оддадеме почит на една голема личност во македонската историја, рече Фазлиу.

Тој додаде дека лидерството на Трајковски преточено во Рамковниот договор ги утврди темелите на тоа што денес владата во која тој е министер се нарекува Едно општество за сите.

-Убеден сум претседателе дека токму ТИ би бил горд на позицијата која ја има твојата македонска држава во регионов, во Европа и во светот. Во регионот го продолживме тоа што ти го започна: градиме мостови, отвораме граници, со Европската Унија наскоро ги започнуваме преговорите за полноправно членство, истакна Фазлиу.

Истакнувајќи дека концептот на мултиетничко општество е концепт што мора да функционира во ера на глобализацијата каде границите полека исчезнуваат, а народите се зближуваат, рече дека Трајковски не научи дека наместо за разлики, треба да зборуваме за сличности, да учиме едни од други, да научиме повеќе за нас, за другиот до нас.

-Иако сум етнички Албанец, денеска со гордост можам да кажам дека македонскиот јазик е подеднакво и мој. Националниот идентитет на моите сограѓани етнички Македонци исто така повеќе не е оспоруван, истакна министерот за локална самоуправа.

Тој потенцира дека Трајковски беше човек од кој младите политичари можат многу да научат.

-Тој беше храбар и одлучен човек кој знаеше како во тешки моменти да донесе одлуки што можеа да го чинат политички поени, но одлуки што беа добри и во интерес на сите граѓани, истакна Фазлиу.

Според него помладите генерации имаат многу што да научат од вакви големи политичари и како да ги стават интересите на големото добро за државата, пред какви било политички игри, пред какви било сомнежи дека нешто нема да биде како што треба, бидејќи кога ќе го изберете вистинскиот пат, се е како што треба.

Запрашан да ги искоментира двете истраги што во БиХ беа спроведени за авионската несреќа и одредените сомнежи во Македонија за околностите на загинување на претседателот Трајковски, министерот Фазлиу истакна дека сомнежот постои поради тоа што Македонија имаше претседател кој знаеше да донесе храбри одлуки и дека сите знаат дека таквите политичари тие одлуки „неретко ги плаќаат со својот живот.

-Има сомнеж кај македонскиот народ дека врз претседателот Трајковски е извршен aтeнтaт, но без докази тоа никој не може да го потврди, рече Фазлиу.

Авионот на Владата на Република Северна Македонија се урна на 26 февруари 2004 година на подрачјето на селото Ротмиње. Покрај Трајковски во него загинаа советниците од неговиот кабинет Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, членови на обезбедувањето Ворис Велинов и Аце Велиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Претходно «
Следно »