ФАЛАНГАТА ОД МАКЕДОНИЈА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ: Специјалците од „Тигар“ освоија четврто место на елитното натпреварување „Спартан 300“

  • July 20, 2018

Тимот на Единицата за специјални задачи – Тигар го освоија 4. место на ниво на специјални полиции од 20 земји. Четворица припадници на Тигар со нивниот тим лидер и помошник-командир во ЕСЗ, Радош Ефремов, со гордост можат да кажат дека тимот од Македонија по издржливост и спремност се веднаш зад тимовите на специјалните полиции – Унгарија, Израел и Чешка, кои ги зазеле првото, второто и третото место.

Замислете си дека треба да истрчате една милја или 1,6 километри со панцир тежок 10 килограми, па продолжувате со правење на 100 згиба, 200 склека, 300 „чучњеви“ и на крај пак да истрчате 1,6 километри, и сето тоа за време од најмногу еден час.

Или пак да направите 25 згиба, 50 дигања со тежина од 60 килограми, 50 склека, 50 скока на кутија, 50 стомачни и сето тоа додека во рацете држите 60 килограми, а од лево и десно има две точки што мора да се допрат со нозете.

Ви звучи неверојатно но ова се само две од вежбите што четворица припадници на Единицата за специјални задачи – Тигар успешно и без грешки ги направија на натпреварот „Спарта 300“ на ниво на специјални единици од Европа.

Овој натпревар се одржа минатиот месец во унгарскиот Центар за антитероризам – ТЕК во Будимпешта.

Нашите специјалци го освоија 4. место на ниво на специјални полиции од 20 земји.

Тимот од четворица припадници на Тигар со нивниот тим лидер и помошник-командир во ЕСЗ, Радош Ефремов, со гордост можат да кажат дека тимот од Македонија по издржливост и спремност се веднаш зад тимовите на специјалните полиции – Унгарија, Израел и Чешка, кои ги зазеле првото, второто и третото место.

Еден месец пред натпреварот организаторот ги доставува останатите три вежби до учесниците за да има време тимовите да се подготват.

„Вежбите се со многу висок интензитет и се бара да се завршат што побрзо. Има вежби со максимум кревање клин, тоа е олимписко кревање, односно колку вкупно тежина ќе кренеме за пет минути сите тројца. На пример, ако јас кренам 100 килограми, колегата 100 и третиот исто, се собира вкупниот резултат. По истекот на тие пет минути продолжуваме на саутбајк велосипед (статичен велосипед со отпор на кој се врти со раце и нозе) и треба да се согорат 100 калории. Потоа преку рамо се префрла 50 пати медицинска „топка“ со тежина од 50 килограми и треба да се согорат 200 калории, па следува 100 пати префрлање преку рамо на медицинска од 50 килограми и 50 скока на кутија. Сите пет вежби се работат тимски, а меѓу вежбите има пауза од околу два часа“, ни објаснува соговорникот, и додава дека „никогаш не може да тренираш премногу за работа што може да те убие. Ова се однесува токму за нашата работа. Ние тренираме за таа намена. Мора секогаш да сме спремни“, вели припадникот на ЕСЗ.

Нашите соговорници објаснуваат дека за вежбите што им биле дадени во планот, тренирале еден месец интензивно, а преку цела година претходно тренирале кросфит. На тој начин телото им е подготвено за напорот, а потоа ја вежбале само техниката.

„Трениравме цела година, но за жал многу од справите ги немаме овде. На пример, „саутбајк“ прв пат пробавме на натпреварот, а направивме супер резултати на таа вежба. На оваа справа има калориметар и мора да поминеме односно да согориме точно калории колку што се дадени во вежбата и се вежба без прекин. Од тегови се оди на статичниот велосипед, па на трета вежба и нема прекин. Мускулната група постојано е со висок интензитет. Пулсот е 150 до 160 отчукувања во минута. Ако некој се обиде да го спушти пулсот за да се одмори, тогаш се губи време во другите вежби. Се гледа за колку време ќе ги завршиш вежбите, се мери времето на секој припадник поединечно, на крај се собира вкупното време на целата екипа и тоа е резултатот на тимот“, ни објаснува припадникот на ЕСЗ.

„Конкуренцијата беше огромна, но постигнавме супер резултати. Имаме најдобро време и ова ни е мотивација за повеќе. Први сме во регионот, пред специјалната полиција на Хрватска, на Србија, Косово.. Можам да кажам дека многу е мала разликата од прво до четврто место. Крајниот резултат е вкупното време од сите пет вежби, а губењето во време може да биде од неискуство, или ако некое од повторувањата на вежбите не се направи правилно па тоа не се брои. Значи се троши време и енергија, а не ти го бројат тоа време, бидејќи има стандарди. Затоа мора правилно да се прават вежбите бидејќи тоа на крај може да те чини 3 до 4 секунди пласман подолу“, вели нашиот соговорник.

И покрај огромниот успех на македонските специјалци изостанала наградата или пофалбите од МВР. Скромно кажаа дека е доволно да им се обезбедат справи и услови за тренинзи, кои пред се, им се потребни за физичките подготовки за нивните работни ангажмани.

„Спартанците“ во ЕСЗ Тигар работат околу пет години. Четворицата се активни спортисти. Еден од нив е државен првак во борење, а друг е државен првак во кросфит.

„Двајца се државни прваци на Македонија, во борење и во кросфит, и тие се како тренери на екипата. Ги советуваат своите колеги, им ги објаснуваат правилата во вежбите и начинот како да се постигне најдобар резултат за секоја вежба, и на тој начин го влечат тимот кон успех. За да се постигне ваков резултат потребна е „жртва“. Режим на спиење, јадење, одмор, се да биде балансирано. Овде се оди до максималните граници на човечкото тело, се црпат сите атоми. Многу е важно да не се префорсира во вежбите, да се знае до каде е границата и да се заврши вежбата. Ако се случи и минимум да се префорсира од границата на своите можности, може да не се заврши вежбата и да има последици по натпреварувачот“, објаснува нивниот тим лидер Ефремов.

Четворицата специјалци последниот месец пред натпреварот биле редуцирани со обврски во Единицата со цел да тренираат за натпреварот. Бидејќи во нивната база нема услови ниту справи за тренирање, добиле дозвола да тренираат во просториите на клубот „Кросфит“ во Скопје, за што им се благодарни.

„Справите за вежбање во клубот „Кросфит“ се приспособени токму за овој натпревар, а ние во Единицата немаме такви справи. Бевме редуцирани од обврски, во одреден период од денот одевме на тренинзи, па се враќавме во базата. И покрај тренинзите ние ги извршувавме и нашите работни задачи. Треба да се знае дека прва обврска ни е службата, па потоа тренинзите. И во сета таа мешаница со тренинзи и секојдневни работни задачи, постигнавме супер резултати“, вели соговорникот.

Натпреварот се одржувал во спортскиот кампус, поточно во тренинг центарот на ТЕК, строго наменет за кросфит вежби и во перфектни услови.

„Базата има пет спортски сали, за крос фит, џудо, бокс, има базен, полигони, со стадион со атлетски патеки, има перфектни услови, а со постигнатиот резултати сме рамо до рамо со домаќините“, вели еден од специјалците.

Нивниот тим лидер потенцира дека и покрај секојдневните професионални обврски што ги имаат мора да се најде начин и време за да се истакнат нивните квалитети на меѓународно ниво.

„И покрај секојдневните професионални обврски, кои исто така бараат физички подготовки, и надвор од работното време момците тренираа интензивно, сè со цел да постигнеме врвни резултати, да го промовираме Министерството за внатрешни работи и ЕСЗ – Тигар, а со тоа да го подигнеме и нивото на подготвеност. Постигнатиот резултат е мотив и водилка на сите припадници на Единицата дека само со работа може да се постигне успех“, вели Ефремов, заменик-командир на Единицата и тим лидер на тимот на натпреварувачите.

Припадниците од останатите специјални полиции на натпреварот се чуделе како тоа тимот од Македонија ги извршувал и работните задачи и тренирал за натпреварот.

„Се чудеа дека ги извршуваме секојдневните работни задачи и тренираме. Учесниците од другите земји откако биле избрани за натпреварот биле ослободени од сите професионални задачи и се фокусирале само на вежбањето“, вели еден од соговорниците.

 

Целиот текст на МКД прочитајте го ТУКА.

Претходно «
Следно »